СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

На денешен ден: Во Варош кај Прилеп е роден македонскиот револуционер Ѓорче Петров

На 2 април 1865 година во Варош кај Прилеп е роден идеологот на македонската револуционерна борба Ѓорче Петров, а загина во атентат на 28 јуни 1921 година во Софија.

Тој е револуционер кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.

Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив во Бугарија. Бил учител во Штип (1886-1887), во Скопје (1888–1891) каде соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Петров бил професор и во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).

Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО, а ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).

Ѓорче бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901), учествувал во редактирањето на револуционерниот весник „На оружје“. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско, а по востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа и учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес каде бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.

Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Тој бил противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.

Потекнува од ситно трговско семејство. Во солунската гимназија во 1885 година поради учество во ученичкиот бунт бил исклучен со група од 12 македонски ученици меѓу кои  бил и македонскиот револуционер Пере Тошев.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content