Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители изразуваат сериозна загриженост поради непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители, соопштуваат од ЈОРМ.
Според реакцијата, со ваквото непостапување веќе е создаден сериозен диспаритет во статусот меѓу јавните обвинители и судиите, со што директно е засегната уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство како државен орган.
– Уште еднаш нагласуваме дека финансиската независност претставува една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не може да биде предмет на произволни и повторливи интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини – наведуваат оттаму.
Дополнуваат дека Уставот ја утврдува посебната положба на Јавното обвинителство како самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела определени со закон.
– Таквата уставна поставеност не претставува формална определба, туку суштинска гаранција дека јавните обвинители својата функција ќе ја извршуваат слободно, професионално и без влијание од која било гранка на власта – дополнуваат од ЈОРСМ.
Токму затоа, како што наведуваат, законски решенија со кои се нарушува финансиската положба на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, имајќи предвид дека тие можат директно да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и врз довербата на јавноста во неговото работење.
– Дополнително, прашањето за рамноправен третман на самостојноста на јавното обвинителство со незвисноста на судството е веќе надминато во сите модерни европски држави, за што понудивме и соодветни компаративни примери на слични одлуки и од земјите од нашето поблиско опкружување – Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Овој пристап е целосно усогласен со современите европски и меѓународни стандарди – стои во реакцијата.
Поради тоа, Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд, како чувар на уставноста и законитоста, да обезбеди ефикасна и навремена уставно-судска заштита на начелото на поделба на власта, владеењето на правото и уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство.
– Финансиската независност не е привилегија на носителите на јавнообвинителската функција. Напротив, секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се обезвреднуваат примањата на јавните обвинители, неизбежно влијае врз положбата на Јавното обвинителство како самостоен државен орган и создава ризик од нарушување на принципот на поделба на власта – велат оттаму.
