Разрешени министрите Филков, Стоиљковиќ, Алиу, Перински, Лимани, Љутков и Салиу

Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади – Ѓоко Велковски и за култура и туризам – Седат Сулејмани.

Во текот на расправата опозицијата оцени дека реконструкцијата е политичка, а не кадровска и  е увертира за предвремени избори.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство, ако работел добро.

„Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделието од порано и слично. Прашањето е – ако е така, зошто сега го менуваме? ​Зборуваме за министер кој го донесе македонското земјоделие во колапс, којшто сега им должи околу 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026-та, којшто во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот… “, рече Крмов.

Според него, Министерството за земјоделство се третира како еден вид жежок костен којшто се подава меѓу коалиционите партнери, иако тоа треба да биде еден од главните сектори во државата, бидејќи го третира производството на храна.

Од реконструкцијата, рече Крмов, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ која го губи секторот правда, а Вреди ќе излезат појаки затоа што добиваат ресор плус. Со давањето на секторот правда на Вреди, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ говореше за работата на досегашниот министер за култура Зоран Љутков, за кого рече дека ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат рече дека нема ниту еден капитален проект.

„Од двете години пред него ги продолжи Љубојно, просториите на Националниот џез оркестар, Кино Партизан, Кино во Валандово, нови локални центри за култура. Имавме прва реставрација на икони во регионот којашто тој за жал не ја продолжи. Имавме пет нови национални установи и секоја од нив е со посебна традиција, со посебен придонес на којшто на секое негово јавно излегување му се заканува затворање. ​Најголемиот придонес од тие две години пред него е новиот закон за употреба на македонски јазик. И може да релативизира дека тоа бил само посебен текст, како што кажа, ама не знае да го спроведе две години. И во тој закон имаше Инспекторат за македонски јазик на којшто откако му го намали статусот, никако да го профункционира. Имаме статус УНЕСКО којшто е под сериозна закана. Најважно од сè, имаше две години пред него целосно почитување на колективниот договор. Во тие две години пред него имаше заштитен македонски јазик, признаен меѓународно и испочитуван, вреднуван и најважно непреговаран“, рече Костадиновска-Стојчевска.
​Пратеничката Велика Стојкова – Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на говорот на Костадиновска-Стојчевска рече дека за две години се решени многу проблеми кои СДСМ ги има оставено.

„Ја започнавме работата со УНЕСКО за што имаме и конкретни резултати. Вие го закочивте проектот за Универзална сала, во ваше време се потпиша колективниот договор без анализа. Не може за две години да се решат проблемите кои вие ги натрупавте“, рече Стојкова-Серафимовска.

Во тек е расправата за избор на нови членови на Владата.

 

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content