ФЗОМ ги намалува цените на ХПВ тестирањето и ликвид ПАП цитологијата, повеќе жени ќе добијат пристап до скрининг за рак на грлото на матката

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за значајно намалување на референтните цени на две клучни дијагностички услуги во рамките на програмата за рано откривање на рак на грлото на матката – ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата. Мерката е веќе во сила и директно придонесува кон зголемување на бројот на достапни тестирања и подобрување на пристапот на жените до превентивна здравствена заштита.

Според новите цени, референтната вредност на ХПВ генотипизацијата се намалува од 5.500 на 3.310 денари, односно за 39,8 отсто. Истовремено, партиципацијата за пациентките се намалува од 550 на 350 денари.

Кај ликвид ПАП цитологијата, цената се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Конвенционалниот ПАП тест останува на постојната цена од 600 денари, без промена.

Од ФЗОМ посочуваат дека ревизијата на цените е направена врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година.

– Анализата покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува и тоа ХПВ тестирање од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2%) и ликвид ПАП цитологија: од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76,0%), велат од ФЗОМ.

Ова значи дека за ист финансиски влог значително поголем број жени ќе можат да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи.

Од ФЗОМ посочуваат дека ракот на грлото на матката е еден од малигните заболувања кои можат успешно да се превенираат и лекуваат доколку се откријат навреме. Кога болеста се дијагностицира во рана фаза, стапката на успешно лекување и преживување е значително повисока.

ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг, како што велат од Фондот, претставуваат клучни алатки за навремено откривање на преканцерозни промени и рак во ран стадиум, овозможувајќи навремена интервенција и подобри здравствени исходи.

Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната прес-конференција истакна дека мерката е насочена кон поефикасно користење на средствата и подобрување на достапноста на здравствените услуги.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content