Муцунски од Софија: Правилата на процесот мора да бидат предвидливи

Проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан – порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа денска во Софија во рамките на бугарското претседавање со оваа најстара и најзначајна политичка иницијатива за регионална соработка во Југоисточна Европа.

Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, тој нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и киберризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратешко значење

Притоа тој нагласи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од доследното почитување на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.

– Мора да бидеме искрени: кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката. Заслугите мора да имаат значење. Обврските мора да се почитуваат. Правилата на процесот мора да бидат предвидливи. На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување – истакна Муцунски.

Состанокот во Софија е посветен на одбележувањето три децении од формирањето на ПСЈИЕ и се одржа под темата „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“. Во фокусот на дискусиите беа европската перспектива на регионот, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста, како и поттикнувањето на економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички и безбедносни предизвици.

Во своето обраќање министерот Муцунски истакна дека ПСЈИЕ останува еден од најзначајните механизми за политички дијалог и соработка во регионот.

– ПСЈИЕ останува една од највредните автентични рамки за регионална соработка. Тоа е платформа создадена од регионот, водена од регионот и одржана од уверувањето дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори – истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на значењето на регионалната поврзаност и економската интеграција, министерот посочи дека Република Македонија останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на понатамошното зајакнување на регионалната поврзаност преку коридорите 8 и 10, кои имаат стратешко значење за регионот и за европската интеграција.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content