Мицкоски: Органодарителството е најсилниот доказ дека човечноста продолжува да живее и тогаш кога животот на еден човек завршува
Органодарителството е еден од највозвишените чинови што човек може да ги направи. Тоа е одлука која не носи корист за оној што дарува, туку спасува животи на оние кои со денови, месеци или години ја чекаат својата шанса. Тоа е најсилниот доказ дека човечноста продолжува да живее и тогаш кога животот на еден човек завршува, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на трибината „Органодарителството и дава највисока смисла на човечноста“, што се одржа попладнево на Медицинскиот факултет во Скопје.
Потребно е, посочи премиерот, отворено да се разговараме за органодарителството, да ја подигнуваме јавната свест и да ги охрабруваме луѓето да се информираат за значењето на оваа благородна одлука затоа што никој не знае што носи утрешниот ден. Тој рече дека секој од нас може да се најде во ситуација да чека орган што ќе му го спаси животот, но исто така, секој од нас може да биде причината некој друг да добие нова шанса.
– Трансплантацијата е ново утро за човек кој мислел дека надежта исчезнува. Таа е нова можност за родител кој повторно сака да биде покрај своите деца. Таа е шанса млад човек повторно да учи, да работи, да создава семејство и да ги остварува своите соништа. Зад секоја успешна трансплантација стои една човечка приказна. Приказна за борба, за трпение, за вера и за надеж. Приказна за луѓе кои со месеци и години чекале повик што за нив значи нов живот. Приказна за семејства кои минувале низ неизвесност, но никогаш не ја изгубиле надежта, рече Мицкоски.
Но, потенцира тој, зад секоја успешна трансплантација стои и една друга приказна, приказна за семејства кои во моменти на огромна болка и лична трагедија успеале да најдат сила да направат нешто што бара исклучителна храброст.
– Во мигови кога се соочуваат со најтешката загуба, тие одлучуваат животот да продолжи преку други луѓе. Токму затоа денес оддаваме најдлабока почит на сите донори и на нивните семејства. Нивната хуманост претставува светол пример за целото општество. Тие покажуваат дека и во најтешките мигови човекот може да најде сила да мисли на другите и да подари надеж таму каде што изгледало дека надеж повеќе нема. Посебна благодарност заслужуваат и здравствените работници кои се дел од овој сложен и исклучително одговорен процес, посочи Мицкоски.
Нагласи дека нашите лекари, хирурзи, анестезиолози, координатори за трансплантација, медицински сестри и целиот медицински персонал се луѓе кои секојдневно носат огромна одговорност на своите плеќи.
– Тие работат кога другите одмораат. Тие дежураат кога другите спијат. Тие носат одлуки во моменти кога секоја минута може да значи разлика меѓу животот и смртта. Нивната работа не познава празници, не познава викенди и не познава работно време. Нивната мисија е животот. А животот нема пауза. Токму затоа нивната пожртвуваност заслужува најголема почит. Како држава, наша обврска е да бидеме нивен партнер во оваа мисија. Затоа продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси, рече Мицкоски.
Според него, силен и модерен здравствен систем не се гради преку ноќ, тој се гради со посветеност, со визија и со постојани инвестиции во знаењето, луѓето и технологијата.
– Големиот лекар, филозоф и хуманист Алберт Швајцер рекол: „Најголемата цел на човечкиот живот е да служи, да покажува сочувство и да има волја да им помага на другите“. Токму во овие зборови е содржана суштината на органодарителството. Во него се спојуваат човечката добрина, сочувството и желбата да се помогне на човек што можеби никогаш нема да го запознаеме, но чиј живот ќе биде спасен благодарение на нашата одлука. Денес оддаваме признание на сите донори и нивните семејства. Им оддаваме признание на сите трансплантирани пациенти кои со својата храброст и истрајност покажуваат колку е вреден животот. Им оддаваме признание на сите медицински тимови кои секојдневно ја претвораат надежта во реалност, додаде Мицкоски.
