Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава – се наведува во реакцијата на Владата.
Надлежните институции, додаваат од Владата, веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите.
„Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, се потенцира во соопштението.
Претходно дел од медиумите објавија дека две возила се опожарени пред бугарската Амбасада во Скопје, како и дека возилата се во сопственост на дипломатското претставништво.
Денеска во 12:13 часот во СВР Скопје е пријавено дека на улицата „Златко Шнајдер“, пред Амбасадата на Република Бугарија, настанал пожар во две патнички возила – нагласуваат од МВР.
На местото на пожарот излегле полициски службеници, кои констатираледека делумно биле опожарени патничко возило киа и патничко возило сузуки, сопственост на амбасадата.
Во пожарот нема повредени лица, а тој бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Роберт Атанасовски
