Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“ во Париз, еден од најзначајните светски настани во областа на одбраната и безбедноста.
Во својата објава на сосијалната мрежа на Фејсбук, Мисајловски посочи дека посетата на саемот доаѓа во период кога државата ги подготвува следните чекори за модернизација на опремата на македонската Армија. Според него, настанот претставува одлична можност за запознавање со најновите техничко-технолошки достигнувања во одбранбената индустрија, кои ги презентираат повеќе од 400 компании и производители на воена опрема од целиот свет.
Ваквите меѓународни собири имаат особено значење за следење на современите трендови во одбраната, размена на искуства со партнери и сојузници, како и за согледување на новите можности за понатамошно јакнење и унапредување на одбранбените капацитети на државата, вели Мисајловски во својата објава.
Присуството на македонската делегација на „EUROSATORY 2026“ е уште една потврда за заложбите за модерна, ефикасна и добро опремена Армија, во согласност со современите безбедносни предизвици и стандардите на НАТО.
