Низа културни настани во пресрет на годишнината од Разловечкото востание

71

Мотото на манифестацијата „Делчево го чествува аманетот” годинава обединува два значајни датуми за Делчево, 145 години од Разловечкото востание и Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.

Културните активности започнуваат на 20 мај во салата од спомен-домот „Разловечко востание” во Разловци каде ќе бидат изложени делата од ликовната колонија „Разловци на платно” создадени од повеќе локални автори. Потоа на 25 мај во фоајето на Спомен-домот АСНОМ во Делчево ќе биде отворена и самостојната изложба „Квадрантна боженственост” на уметникот Валентина Илијевска од Куманово, магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство, информираа од Центарот за култура во Делчево.

 

Покрај планираните традиционални настани кои ќе се одржат во дворот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена”, а се организираат согласно со протоколите за заштита од Ковид-19, како дел од настанот во Разловци ќе биде отворена и детската градинка во селото.

Станува збор за прва детска градинка отворена во рурална средина во Општина Делчево. Градинката е сместена во Подрачното училиште „Св. Климент Охридски” во село Разловци, а инвестицијата во висина од 4 милиони денари е на Министерството за труд и социјална политика, додадоа од Општината.

Претходно, во пресрет на годишнината од Разловечкото востание, делчевски планинари од ПСК „Голак” го организираа традиционалниот марш „По патеката на востаниците”, а централната манифестација по повод 145 години од Разловечкото востание ќе се одржи на 28 мај во селото Разловци. Настаните се во организација на Општина Делчево во соработка со Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров” Јавната локална библиотека „Илинден” и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев”.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content