„Откако Пецаков е градоначалник, стопирано е дури и рушењето на дивоизградените платформи по плажите. Локалната власт свесно ги штити овие објекти кои нелегално го узурпираат охридското крајбрежје.
Власта свесно одбива да ги суспендира 19-те спорни детални урбанистички планови. Истовремено, генералните урбанистички планови за Охрид и Струга со години намерно се блокираат.
Езерото секојдневно се загадува. Проблемот со колекторскиот систем не се решава, додека новите инфраструктурни проекти се туркаат без задолжителната Стратегиска оцена на животната средина.
Доказ за криминалните шеми на ВМРО-ОКГ со уништување на Охрид и и Охридско е месноста ‘Горица 3’. Таму непречено се гради масивен хотелски комплекс на парцела од над 15.000 квадратни метри.
Планот за управување експлицитно забранува градење на крајбрежните возвишенија кое го нарушува пејзажот. И покрај тоа, Општина Охрид, инспекторатите и министерствата молчат и одбиваат да ја стопираат градбата, која се гради напречено.
Не се носи законот за Охридско Езеро, чие донесување ќе поремети повеќе бизнис интереси.
Ниту една препорака од сите мисии на УНЕСКО кои се однесуваат на локалната самоуправа не е реализирана, напротив само е влошена состојбата на сите полиња: инфраструктура, урбанизам, дивоградби, туризам“, ги обвинуваат од СДСМ градските власти во Охрид за загрозување на статустот во УНЕСКО.

На овие обвинувања ургентно реплицираа од Општина Охрид.
„Очигледно е дека СДСМ Охрид има сериозен проблем со амнезијата, па нивниот претседател Асен Шајн мора под присила од скопската централа да
чита памфлети за теми кои самите тие ги девастираа. Да излезеш денес и да зборуваш за УНЕСКО, урбанистички планови и заштита на Охрид, по сè
што направивте, не е само лицемерие туку во најмала рака е потценување на интелигенцијата на охридската јавност“, се наведува во соопштението со реакција на Општина Охрид .
„Како да не беше ‘вчера’ кога министерот за транспорт од редовите на СДСМ, намерно ги криеше во фиока плановите за управување со Охридското
крајбрежје? Како да замина во заборавеност времето кога нивната министерка за култура и партиската комисија за УНЕСКО штанцаа
согласности за секакви бизнис-интереси, кочејќи ги истовремено клучните државни проекти од интерес на граѓаните?
Токму благодарение на СДСМ, и на локално и на централно ниво, Охрид беше доведен на раб од бездна. Наместо реални активности, со години добивавме
само празни зборови со кои се покриваше институционалната негрижа. Денес, додека ние искрено и без скриени намери го поправаме тој пустош,
СДСМ продолжува со старата пракса, евтин популизам диктиран од Скопје. Статусот на УНЕСКО се брани со конкретни дела на терен, а не со партиски
соопштенија“, возвраќаат од Општина Охрид на обвинувањата од СДСМ.
Притоа потсетуваат на проектите, со кои велат од Општината, се брани „статусот во УНЕСКО“: изградба на прочистителната станица во Трпејца; километри нова фекална канализација во клучните зони, вклучително Горно и Долно Лакочереј; стриктно почитување на Планот за управување, со кој за пет години се донесени само три урбанистички планови (од кои еден за индустриската зона во Лескоец), ставајќи крај на урбанистичкиот хаос.
„Граѓаните на Охрид имаат одлично паметење. За вашиот ‘ангажман’, за фиоките во Скопје и за вистинските мотиви на СДСМ, охриѓани веќе во неколку изборни циклуси по ред ви кажаа јасно, гласно и неповратно.
Наместо да глумите загриженост, почнете да учите како се работи во интерес на Охрид. На крај за сè она што не му е јасно на претседателот на ОО СДСМ Охрид, Асен Шајн, го повикуваме на ТВ дуел, на било кој медиум и во било кој
термин, по негова желба, да разјасниме многу работи“, порачуваат од Општина Охрид.
