СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Жените во новинарството често пати мета на сексистички напади

Мизогинијата, како што стои во публикацијата „14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“, во комбинација со онлајн-насилството, се вистинска закана за учеството на жените во новинарството и јавната комуникација во дигиталната ера.

Според регистарот на напади кон новинари на Здружението на новинарите на Македонија, во 2020 година се нотирани вкупно 14 посериозни закани по безбедноста на новинарите и медиумските работници, од кои, повеќе од половина се кон новинарки.

Мизогинијата, како што стои во публикацијата „14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“, во комбинација со онлајн-насилството, се вистинска закана за учеството на жените во новинарството и јавната комуникација во дигиталната ера.

 

– Со сè почесто користење на дигиталните платформи, новинарките се соочуваат со зголемен ризик во својата работа и сè почесто со сексистички напади. Во онлајн-сферата се среќаваа примери на закани, уцени, говор на омраза и дезинформации кон одредени новинарки – стои во публикацијата.

Фактот дека изминатата година имаше многу случаи кога мразечките наративи беа насочени кон новинарките, го потврди и Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми, која сподели дека имало повеќе случаи на закани, напади и навреди на социјалните мрежи кои што биле насочени кон новинарки.

– Новинарките беа дискредитирани професионално и приватно. Тоа беа притисоци насочени кон нив, меѓутоа и кон медумите во кои што работат – вели Никодиноска.

Дел од новинарките кои што беа нападнати во текот изминатата 2020-та година, ги споделија своите приказни.  Две од нив се жртви на вербален напад со мразечки и заканувачки наративи, а една од нив е жртва и на физички напад. Од сите три, разрешница има само за една, што всушност претставува и единствениот решен случај од 14-те севкупни напади врз новинари за 2020-та година.

Новинарката Тања Милевска, дописник од Брисел за Медиумската информативна агенција – МИА, ден пред изборниот молк, на 11 јули 2020 година примила закани по животот и закани за силување како и сексистички навреди на Твитер и на Фејсбук поради нејзините јавни ставови изразени на социјалните мрежи. Случајот е пријавен во полиција, но, досега не се поднесени кривични пријави.

– Можете да замислите како се доживува таков случај кога сте жена која живее сама, во таква ситуација кога знаете дека има македонска дијаспора. Иако сум далеку од Македонија, јас навистина во тој момент се исплашив и не се срамам да го кажам тоа. Мислам дека не треба да се срамиме да кажеме дека се плашиме, бидејќи ние нормално не би се заканиле на некој на улица, доколку го сретнеме. Интернетот не е ништо поразлично од тоа што се случува на улица. Ако вие не можете да се заканите со силување и со смрт некому на улица, не смеете тоа да го правите ниту на Интернет. Најмалку кога станува збор за новинари – вели Милевска.

Единствениот случај со правна разрешница беше вербалниот напад врз новинарката Мери Јордановска на која ѝ беа упатени закани и навреди од државен службеник вработен во Централниот регистар.

– Не поради мој текст кој што сум го напишала, првично беше дали сум била мажена, па откако се омажив дали сум се здебелила. Тоа одеше до недоглед и тоа е нешто што прави голема штета не само врз мојот углед и достоинство, туку многу го погодува и семејството, односно е многу непријатно за жена и за кој било да се гледа по социјалните мрежи кога се дисквалификува кој било човек на таков начин – споделува Јордановска.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content