Недостиг на угостителски кадар: Македонските ресторани остануваат без персонал пред летната сезона

Секоја година со приближувањето на летната сезона, македонското угостителство се соочува со ист проблем кој наместо да се намалува, добива сè поголеми размери: заминување на работниците кон странство и недостиг од домашен кадар.

Овој тренд особено е изразен кај сезонските работници, кои во голем број ги напуштаат работните места во ресторани, кафулиња и хотели и се упатуваат кон туристичките центри на Јадранското Море, пред сè во Хрватска. Причината е едноставна: повисоки примања, обезбедено сместување и храна, како и можност за значително поголема заработка во неколкумесечна работа.

Домашните угостители, пак, влегуваат во летото со сериозен кадровски дефицит. Според нивните проценки, недостига околу третина од потребниот квалификуван персонал, при што најголеми празнини има кај готвачите, пицамајсторите, скараџиите и искусните работници во кујна. Иако и кај келнерите и шанкерите има недостиг, состојбата таму е нешто помалку критична, но станува очигледна во периоди на зголемен туристички прилив.

Резултатот од ваквата состојба се рефлектира директно врз работењето на објектите. Дел од нив се принудени да работат со намален капацитет, други ги ограничуваат работните часови, а трети се обидуваат да го компензираат недостигот преку повисоки плати или ангажирање на помалку искусен персонал. Сепак, угостителите предупредуваат дека одредени позиции не можат лесно да се пополнат, бидејќи бараат долгогодишно искуство и специфични вештини.

Проблемот не е нов, но секоја година станува сè поизразен, особено во моментите кога стартува туристичката сезона. Поради тоа, дел од угостителскиот сектор веќе подолго време бара системски решенија кои би ја стабилизирале работната сила.

Еден од чекорите во таа насока се гледа во новиот закон за работно ангажирање, кој овозможува пофлексибилно вклучување на различни категории граѓани во сезонска и повремена работа. Со ова законско решение, студентите, учениците, пензионерите, невработените, па дури и дел од вработените лица, можат да бидат ангажирани без да го изгубат својот основен статус или права.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content