Директорите на штипските основни училишта протестираат против новиот концепт за учениците од прво до шесто одделение предложен од Бирото за развој на образованието. Сметаат дека дадените насоки се контрадикторни со законите.
– Според наставниот план, предвидено е изучување во шесто одделение на предметот Историја и општество. Меѓутоа, со насоките коишто се дадени од Бирото за развој на образованието се предвидува запишување на оценки по три модули – Историја, Географија и Граѓанска култура. Сето ова се коси со самиот Закон, со оглед на тоа што наставниот план предвидува еден предмет и изведување на една оценка, додека според насоките дадени од страна на Бирото се предвидува запишување на три оценки коишто ќе одат во свидетелство. Едно со друго не одговара, изјави Зоран Митев, директор на ООУ „Гоце Делчев“-Штип.
Градоначалникот на општината со став дека, ова е грубо кршење на правата и обврските кои локалната самоуправа ги има со децентрализацијата. Новиот концепт ќе доведе до фискална импликација и бара зголемување на финансиските средства, кои се лимитирани со блок дотациите, а една од одредбите е дека нема да се учи од учебници, туку оставено е наставниците и учениците сами да се снаоѓаат.
– Училиштата доставуваат Годишна програма до Општината што се усвојува до 31 август и која со новата концепција веќе е доведена во прашање, односно треба целосно да биде изместена. Тоа само по себе ќе создаде хаос во одвивањето на наставата и ова е спротивно на Законот за основно образование, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Според новата концепција, наставниците со повеќе и оние со помалку часови ќе земаат иста плата. Од локалната самоуправа ќе бараат од МОН да ги образложи нејаснотиите во предложените насоки.