Вработените во основно и средно образование во земјава треба да добијат повисоки плати за околу 10 отсто, но засега е неизвесно од кога би започнала исплатата. Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), за Мета.мк вели дека всушност се работи за спогодба која летово треба да ја потпишат СОНК и Министерството за образование и наука (МОН), со која ќе се усогласат минималната плата и платите во дејноста образование.
Сепак, министерот за образование и наука Јетон Шаќири за Мета.мк потврди дека покачување на платите ќе има, но во моментов не може да се каже прецизно, од кога.
„Минималната плата во државата расте врз основа на инфлација и зголемени трошоци за живот, а согласно тоа, повисоки плати им следуваат и на сите вработени во образование (освен оние што веќе беа под минималната плата и имаа покачување во март). Ова зголемување е веќе преговарано, очекуваме Министерството за финансии да даде согласност и да се реализира“, вели Неделков.
Покачувањето кое треба да се случи е за околу 10 отсто, што значи дека наставникот што има плата од 30.000 денари, во иднина ќе добива околу 33.000 денари.
Министерот Шаќири за Мета.мк вели дека се чека општиот колективен договор за да се знае кој модел ќе се применува при покачувањето на платите.
„На прашањето дали наставниците ќе имаат покачување од септември, одговорот е и „да“ и „не“. Во постапка е целиот процес, ќе го видиме моделот на плати кој треба да се примени, па ќе се види од кога ќе започне исплатата“, вели Шаќири.
Лани СОНК протестираше за повисоки плати. Издејствуваа покачување за околу 4.000 денари, а потоа во февруари добија уште 1.000 денари.
Основна почетна наставничка плата во основното образование е 29.000 денари. За СОНК не е прифатлив моделот на плати што се применува во јавниот сектор, со бодови и со линеарно зголемување на платите, туку за нив е прифатлив моделот на проценти, со коефициенти.