Во вакви услови, кои, според експертите, се уште се неизвесни, а последиците допрва ќе се чувствуваат, за земјава беше приоритет како да го зголеми и стабилизира домашното производство.
Надлежните укажуваа дека сме исправени пред досега најтешката криза, но постојано апелираа граѓаните да не се грижат и уверуваа дека основни производи, леб, брашно, млеко и зејтин, ќе има. Донесоа Национален план за производство на храна и креираа Интервентен фонд. Реализираа и пакет мерки за пониски цени на основните производи, како и за стимулирање на производството.
Од 1 декември стапи во сила и поддршката за компаниите од прехранбената индустрија. Тие добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час поради што треба да поттикне поевтинување на основните прехранбени производи за околу 10 проценти.
Кризата со храната ги поттикна земјите од регионот на интензивна соработка и проширување на пазарот, на подготовка и финансирање заеднички проекти за промоција на земјоделските производи, како и на зголемена трговска размена. Во рамки на иницијативата Отворен Балкан чии членки се Албанија, Македонија и Србија, се потпиша Договор за соработка во областа на механизмите за сигурност на храна. Со Договорот, членките ја потврдија неопходноста од соработка за спречување и ублажување на потенцијалниот недостиг од основни земјоделско-прехранбени производи и се согласуваат меѓу нив да нема забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во време на најголема светска криза, приоритет е зголемување на домашното производство на храна и силна, навремена, ефикасна поддршка на земјоделците.
По низата преземени мерки во изминатите 12 месеци, Николовски го најави новиот модел на субвенционирање кој, како што потенцира, во фокусот ги става вистинските земјоделци. Новиот модел на субвенционирање е еден од петте клучни столбови на македонското земјоделство во 2023 година.
„По 15 години, стариот модел го заменуваме со нов кој значи планско и одржливо производство – со помали трошоци да произведеме повеќе. Мора да бидеме одговорни пред сите граѓани, особено во вакви сериозни моменти кога се наоѓаме во светска криза. Мора да се осигураме дека домашното производство на земјоделски производи и храна е поголемо, стабилно и дека ќе имаме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата. Со новиот модел на субвенционирање на ниту еден земјоделец нема да му се скрати поддршката. Средствата ги насочуваме кон оние земјоделци кои ќе ги обработуваат битните стратешки култури, кои ќе остварат принос и ќе го предадат во домашни капацитети. Сите регистрирани земјоделци, чија основна дејност е земјоделството, преку Отворен јавен повик, во текот на целата година ќе можат да аплицираат со сопствен бизнис план и идеја, за грант од 10.000 евра кој ќе го искористат за инвестиции во производство или за финален производ. Новиот модел ги обврзува земјоделците да приложат доказ дека имаат остварено и предадено производство, што не беше случај досега“, порача Николовски.
Во 2023 година 12 милијарди денари за земјоделството
Со новиот државен буџет за 2023 година земјоделството добива околу 12 милијарди денари. Целта на овој „историски најголем земјоделски буџет за 2023 година“, како што го нарече министерот Николовски, е обезбедност со храна и зголемено производство.
„Обезбедуваме историски најголем Буџет за земјоделството од околу 12 милијарди денари, што претставува значително зголемување споредено со 2022 година. Во 2023 година продолжуваме со силна и прогресивна земјоделска политика, ги почнуваме најголемите реформи во земјоделството преку петте клучни столба за 2023 година: новиот модел за субвенционирање, поддршка на малите семејни бизниси и малите семејни винарии, капитални водостопански инвестиции, модернизација на македонското земјоделство и нашиот главен приоритет пошумување и обнова на шумскиот фонд преку зелената транзиција. Наша цел е да имаме повеќе домашна храна, да бидеме увозно независни, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци“, подвлече министерот.