Кузманоска: Со ребалансот на Буџетот капиталните инвестиции се зголемуваат за 5,8 милијарди денари

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска во изјава за медиумите оцени дека ребалансот на Буџетот е насочен кон зголемување на капиталните инвестиции и реализација на инфраструктурни проекти низ државата.

-За секој буџет, па и за овој, најважно прашање е – каде одат парите? Со ребалансот на државната каса, одговорот е јасен: во патишта, железници, водоводи, училишта и уште многу други проекти кои ќе бидат додадена вредност за Македонија, изјави Кузманоска.

Според неа, со ребалансот капиталните инвестиции се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, со што нивниот вкупен износ достигнува 45,9 милијарди денари, односно 14,5 проценти повеќе средства за оваа намена.

Кузманоска истакна дека дополнителните средства ќе бидат распределени во сите министерства и сектори, а ќе овозможат продолжување на изградбата на значајни инфраструктурни проекти.

-Продолжува изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Кичево – Букојчани, автопатот Кичево – Охрид, проширувањето на автопатот Тетово – Гостивар, делницата Гостивар – Букојчани, патниот правец Прилеп – Битола, како и автопатот Скопје – Блаце, рече таа.

Таа додаде дека продолжува и изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, на делницата Бељаковце – Крива Паланка, а започнува и реализацијата на заедничкиот железнички граничен премин Табановце со Србија.

Во делот на образованието, Кузманоска посочи дека се обезбедени средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, спортски и училишни сали, како и студентски и ученички домови.

-Средства има и за хидросистеми, откупно-дистрибутивни центри, нови капацитети во затворот Идризово, како и за многу други проекти кои ќе придонесат за рамномерен регионален развој, нагласи таа.

Според Кузманоска, ребалансот предвидува финансиска поддршка за нови инфраструктурни проекти во општините, со цел придобивките да ги почувствуваат граѓаните во сите делови од државата.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content