„Во врска со став 7 од Заклучоците на Советот за проширување – Северна Македонија и Албанија од јули 2022 година, во врска со став 22 од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и споменувањето на официјалниот јазик, според нејзиниот Устав, како јазик на превод на законодавството на ЕУ, Бугарија со ова го повторува следново, бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на ‘македонскиот јазик’ во 1944/5 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (рекодификација) заснована на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со народни форми, со што се симулираше ‘природен’ процес базиран на дијалекти“, пишува во документот што Бугарија го приложила како забелешка до Советот на Европската Унија.
Станува збор за документ кој е приложен како додаток кон пакетот документи поврзани со отворањето на пристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија.
Претходно, МКД.мк пишуваше дека Бугарија планира да издаде монета од две евра на која е напишано дека кирилицата е бугарско писмо. Според јавно достапните информации, Бугарија предложила нејзината прва комеморативна монета од две евра да биде посветена на „бугарската азбука“, со што сакала да ја истакне историската улога на кирилицата како дел од бугарското културно наследство.
Токму оваа формулација, според написи во дел од европските медиуми, можеби е причината поради која засега непозната земја членка на ЕУ поднела приговор до Советот на Европската Унија.
Случајот предизвика големо внимание бидејќи Советот на ЕУ одбива да открие која држава го поднела приговорот, но и да го објави образложението. Единственото официјално објаснување е дека станува збор за „многу чувствителен процес на донесување одлуки“ и дека откривањето на деталите би можело да влијае врз постапката.
И.О.
