СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Здравје

Почнува комплетното реновирање на одделот за онкологија на Детската клиника

Меморандум за реновирање на одделот за онкологија на Клиниката за детски болести потпишаа денеска генералниот директор на компанијата „Макстил”, Иван Бановски и директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова.

Со потпишувањето на меморандумот почнуваат активностите за комплетно реновирање на одделот.

По повод потпишувањето на меморандумот, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека „Макстил” е општествено одговорна компанија и знае што значи да се инвестира во здравствениот систем.

– Денеска одбележавме континуитет во оваа наша соработка кој почна со донација и на лична заштитна опрема и се што беше потребно за Инфективната клиника, донација за целосно опремување и реконструкција на единствената детска соба на Клиниката за неврохирургија. Минатата година целосно беше реконструирано одделението за неонатологија на Клиниката за детски болести, а ова денеска е еден многу значаен проект кој наскоро ќе почнат да го реализираат, рече Филипче и изрази благодарност.

Се реконструира, посочи министерот, единствениот во државата оддел за детска онкологија, каде се лекуваат најтешко заболените дечиња од малигни болести.

– Историски наназад тоа е оддел кој има експертиза, знаење, лекари, експерти, професори кои со години работат на ова поле, кои располагаат со најсовремена терапија. Благодарение на оваа донација инфраструктурата ќе биде средена според највисоките европски стандарди. Ова е еден многу значаен чекор. Се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму, додаде Филипче.

Бановски рече дека ќе биде инсталиран целосно нов систем за вентилација и нов систем за технички гасови. Со оваа донација, појасни, на најмалите херои, на нашите дечиња кои се борат со најлошата болест ќе им обезбедиме подобри и подостоинствени услови за престој додека трае нивното оздравување, подобри услови на нивните родители кои се со тие дечиња и за целиот персонал кој се грижи за нивното оздравување.

– Оваа пандемија ни покажа колку е битна грижата за сопственото здравје и за здравјето на нашите најблиски. Токму затоа фокусот на „Макстил” изминатата година кој продолжува и натаму е да помага, да вложува во здравјето на луѓето, односно да помагаме во јавното здравје. Не е ова прва донација од „Макстил” на Детската клиника. Ветувам дека нема да биде ниту последна донација. Ќе вложуваме секаде каде навистина е потребно. Минатата година во декември „Макстил” заедно со неговите волонтери го заврши целосното реновирање на одделот за неонатологија, кој е единствен таков оддел, а беше обезбедена и дополнителна опрема и апаратура. Продолжуваме да инвестираме во одделот за онкологија, бидејќи сметаме дека тој е од исклучително значење за Клиниката, рече Бановски.

Додаде дека вредноста на донацијата се состои во материјални добра и услуги, имаат буџетска цена од 150.000 евра, но со комплетното завршување на овој проект ќе ја знаат и точната вредност на инвестицијата.

Директорката на Клиника за детски болести, Аспазија Софијанова рече дека оваа донација и значи, а тоа што ќе биде направено ќе биде еден регионален центар за тие за кои болеста е толку неизвесна и претставува огромна енигма

– Постоењето на вакво одделение ќе не внесе во рамките на европско препознатлива Клиника, европско претпознатливи експертизи кои работат во лекување на малигните болести кај децата, рече д-р Софијанова и се заблагодари во име на целиот персонал на Клиниката.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Прочитај повеќе:
Close
Back to top button
Skip to content