УЈП започна со генерирање и доставување на Годишната даночна пријава за данок на личен доход
Управата за јавни приходи денеска информира дека ја започна активноста за генерирање и доставување на претпополнета Годишна даночна пријава за утврдување на данок на личен доход за 2020 година.
Ги повикуваме регистрираните корисници на системот „е-ПДД“ да извршат увид во Годишната даночна пријава за 2020 година преку своите кориснички профили. Граѓаните може да ја потврдат или коригираат Годишната даночна пријава за 2020 година, најдоцна до истекот на крајниот рок 31.05.2021 година, стои во соопштението на УЈП.
По истекот на законскиот рок на 01.06.2021 година, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана, а службено ќе бидат потврдени и оние Годишни даночни пријави, кои од страна на физичко лице не се ниту потврдени, ниту коригирани.
Годишната даночна пријава за 2020 година која граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следи донесување на Решение за утврдување на данокот на личен доход за 2020 година, наведува УЈП.
Управата за јавни приходи апелира до граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-ПДД, истото да го сторат во најкраток можен рок имајќи ги во предвид бројните придобивки на користењето на системот.