Помошта од 6.000 денари од четвртиот пакет за оние кои имаа блокирани сметки по прифаќање на законските измени во Собранието
Владата достави до Собранието измена на Законот за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани со која се продолжува рокот на ажурирање на податоците во банките каде што имаат сметки до 31 март 2021. Законската измена ги покрива и граѓаните со блокирани сметки на кои не им беше направена исплата. Очекувањата беа дека процесот ќе заврши минатиот месец, појаснуваат од Владата.
Владата на Република Северна Македонија прави се’ парите да стигнат до сите за кои се наменети. Токму затоа беа отстранети сите административни процедури. На седницата одржана на 29.12.2020 донесе и одлуката за дополнување на Одлуката за отворање посебна наменска сметка за лицата кои не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои заради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, наведуваат од Владата.