Туристичко-угостителската комора на Македонија апелира за континуитет на економските мерки кои дадоа резултати за да се спречи загуба на работните места, и истите да се овозможи да се дел од петтиот пакет мерки за економски спас.
Туристичките агенции апелираат да се продолжи со мерките за поддршка на секторот и да нема застој во исплата на финансиската поддршка за плати, бидејќи тоа ќе има големо влијание врз задржувањето на работните места и опстанокот на оваа дејност во која се вработени над 3.000 луѓе во околу 500 регистрирани правни субјекти.
„Туристичкиот сектор во услови на бројни бариери за транзит низ границите предизвикано од кризата се уште се наоѓа во исклучително тешка состојба поради што апелираме да се продолжат мерките за поддршка. За опстанок на секторот неопходен е континуитет, односно да нема застој во обезбедување на финансиска поддршка за исплата на плати. Овој сектор се соочува со ограничувања, но веруваме дека со соодветна и навремена финансиска помош од државата, проактивен однос на туристичките оператори и строго почитување на протоколите може да се надминат состојбите и да се зачува деловната активност и вработувањата додека да се подобрат состојбите”, изјави Ана Марија Алексова, која посочи дека и за превозниците е од исклучителна важност да има промена на протоколите, односно да се дозволи зголемување на процентот на дозволена исполнетост на капацитет на автобусите.