Приведени 97 странски државјани кои работеле непријавени и без регулиран престој на објекти во Скопје
Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при БЈБ – МВР спроведоа контрола на градежни објекти на фирма од Турција на просторот меѓу булеварот „Кирил и Методиј“ и улицата „Јордан Мијалков“ поради сомнение дека повеќе странски државјани непријавени работат на објектите и незаконски престојуваат во Македонија.
Притоа, на објектите биле затекнати 97 странски државјани кои немаат регулиран престој и кои работат непријавени, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР наведоа дека лицата биле приведени и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Исто така, како што посочија од МВР, соодветни пријави ќе бидат поднесени и против фирмата како и против 15 други фирми-подизведувачи.