Србија веќе нарачала 340 000 дози на вакцината, а во тек е испитувањето на руската вакцина Спутник V, од која што 20 дози пристигнале во Белград на почетокот на декември за лабораториско тестирање, а се чека и регистрација на кинеската вакцина.
Водечкиот кинески производител на вакцини Синофарм аплицирал за лиценца и одобрување од кинеските здравствени власти на 26 ноември, откако во јули биле одобрени две вакцини од компанијата за итна употреба за медицински професионалци и други групи со висок ризик од инфекција со коронавирус.
На 2 декември, Pfizer и BioNTech до српските здравствени власти ја доставиле документацијата неопходна за тестирање, регистрација и потврда на безбедноста на вакцината со цел да се одобри нејзината употреба и увоз.
Велика Британија е првата земја во светот што започна да ја користи вакцината Фајзер на 8 декември и веќе ја примиле десетици илјади Британци, а по дозволата од американската Администрација за храна и лекови (ФДА), кампањата за вакцинација во САД започна во понеделникот, на 14 декември. Вакцината Фајзер во САД ќе биде прва што ќе ја примаат вработените во здравствениот систем, вработени во болниците.
По денешното соопштение дека српскиот АЛИМС дал согласност за увоз на вакцината Pfizer / BioNTech, нема официјални соопштенија кога би можел да започне увозот на нарачаните 340 000 дози.