Нова средба на тутунарите, откупувачите и министерот Хоџа – се очекува решение за проблемите со откупот
Средбата ќе биде обид да се најде заедничко решение за проблемите со откупот – ниската цена и, како што велат производителите, нереалната проценка од страна на откупувачите.
Министерот Хоџа во вторникот беше во Прилеп, на состанок со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари кои претходните денови протестираа и бараа средба со надлежните. На состанокот беше договорено до денеска да нема протести и блокади.
Договоривме во петок да ги повикам на состанок двете страни: и незадоволните тутунари и откупувачите. Ако се постигне договор во петок, ќе се одвива целиот процес на откупот на тутунот. Ако не, ние ќе се обидеме максимално да постапиме согласно нашите ингеренции и успешно да се заокружи оваа година, без разлика на овие проблеми во почетокот зашто од целата договорена реколта од 23.000 тони, само 300 тони се откупени што е 1,5 процент. Верувам дека ќе се изнајде решение, изјави тогаш Хоџа.
Тутунарите се согласуваат дека квалитетот на родот е за нијанса послаб. Сепак сметаат дека откупната цена не треба да биде пониска од 200 денари.
– Ние сакаме реално да ни се плати родот, но реална проценка засега нема. Тутунот е со добар квалитет и под 200 денари не смее да се откупува, посебно не врвните берби за кои имаше време да се исушат. Не сакаме да протестираме, си имаме работа на нивите, но нема да дозволиме да ни се обезвреднува трудот. Си ги бараме нашите права, да ни се плати трудот, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ по средбата со министерот во Прилеп.
Мирчески најави дека на денешниот состанок во Скопје производителите ќе дојдат со правен тим кој знае на кои пунктови се презема тутун „под класа“. Тој е дециден дека ако се сака, може да се најде решение.
-Доколку не се постигне решение, не отстапуваме од протестите и блокадите, напомена Мирчески.
Министерот Хоџа по последната средба во Министерството со тутунарите и откупувачите минатиот петок, рече дека поплаки има од двете страни. Производителите се жалат на лоша проценка од страна на откупувачите, а откупувачите на подметнувања од страна на производителите – дека мешаат тутун со послаб квалитет во повисоките класи. Како решение, пак, за постигнување повисока откупна цена на тутунот, миистерот предложи да се укине четвртата класа. Порача и дека целата договорена количина тутун ќе биде откупена.
Годинава треба да се откупат 23 милиони килограми тутун, а досега се преземени околу 300.000 килограми или околу 1,5 отсто од вкупната количина. Просечната откупна цена, според Хоџа, е 165 денари за килограм, а според тутунарите околу 120-150 денари.
Лани просечната откупна цена на тутунот беше 215 – 220 денари. Тенденцијата годинава е оваа цена барем приближно да се достигне.
Поради ниските откупни цени на протест во понеделникот излегоа и струмичките тутунари од селата Радичево и Ново Село. Побараа реална проценка на тутунот и укинување на четвртата класа. Укажаа дека откупните цени засега се многу ниски и побараа Владата да преземе мерки за да се надмине состојбата. Во спротивно, како што најавија, ќе протестираат секој ден.