Викендов конечно старт во мак-баскетот
Претстојниов викенд, а по речиси едномесечно одложување, конечно треба да стартува кошаркарското првенство на Македонија.
На самиот почеток и големото дерби Работнички – МЗТ Скопје Аеродром, но и барање за одложување на натпревар поради позитивен кошаркар на Ковид-19.
Иако требаше да започне на почетокот на октомври, сепак по две одложувања поради Корона криза, претстојниот викенд ќе се игра кошарка и во нашата земја.
На самиот старт веднаш и вечното дерби меѓу „лутите ривали“ Работнички и МЗТ Скопје Аеродром.
Натпреварот закажан за во недела ќе се игра во салата „Градски парк“ што претставува големо изненадување за пошироката не само кошаркарска туку и цела македонска јавност. Ова, имајќи во предвид дека од тимот на Работнички беше најавувано дека натпреварите во домашното првенство ќе ги играат во големата сала на СРЦ “Кале“. Почетокот на дербито Работнички и МЗТ Скопје Аеродром е закажан во 18 часот.
Инаку, новата сезона ќе ја отворат Кожув и Пелистер со дуелот закажан за утре во Гевгелија од 17:30 часот, а половина час подоцна во Скопје двојна програма и тоа Академија ФМП – Гостивар и ТФТ – Куманово.
Во недела од 16 часот на програмата е дуелот меѓу вториот тим на МЗТ Скопје Уни Банка и Еуро Никел, додека за од 17 е закажан натпреварот меѓу Вардар и Црн Дрим. Но. За да не мине се така лесно, говори и информацијата дека од редовите на Вардар бараат одложување на натпреварот, бидејќи по спроведените задолжителни Ковид тестирања еден играч имал позитивен тест.
Како и во останатите спортови и дуелите во кошаркарскиот шампионат ќе се одигруваат под посебни протоколи и без присуство на публика.