Интензивирана дипломатска активност во пресрет на првата Меѓувладина седница

41

Интензивна дипломатска активност за осигурување на првата Меѓувладина седница со ЕУ во декември. Засилена дипломатска активност на Владата во пресрет на самитите на Европската Унија на кои се очекуваат клучните одлуки за финализирање на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава за време на германското претседателство, со која и официјално започнува преговарачкиот процес.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од вчера е во дводневна посета на Париз во обид да обезбеди француска поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна годинава. Тој вчера на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Клеман Бон заеднички констатирале дека со усвојувањето на рамката и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигна земјата изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите.

 

Не е лесно да се добие француската поддршка и мислам дека Македонија ја заслужи. На некој начин имаме заеднички интерес врз основа на новата методологија, која што треба да се отсликува и низ Преговарачката рамка, што сега се преговара на масата во Брисел меѓу земјите членки и да почнеме конечно со пристапниот процес, работејќи дома да нудиме аргументи за да ја имаме секогаш поддршката на Париз. Мислам дека во визијата на Франција за иднината на Европа имаме наше место, изјави Димитров.

Бон од своја страна истакна дека новата методологија е обемна и бара многу повеќе, но процесот станува потранспарентен и подобро ќе се компензираат напорите за спроведените реформи, а изрази и уверување дека ќе биде постигнат напредок во евроинтегративниот процес уште во декември.

Мислам дека ќе можеме да постигнеме напредок во овој процес, уште во месец декември, и се радувам што заеднички и често ќе соработуваме бидејќи тоа е од заемен интерес за зајакнување на Европа, за зајакнување на регионот и за стабилизирање на нашата заедничка безбедност во наредните години. Станува збор за долгорочен проект кој заедно ќе го градиме и јас сум среќен што ќе продолжиме заеднички да работиме, порача Бон.

Димитров вчера одржа средба и со Изабел Думон, советничка за Континентална Европа и Турција во Kабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, на која била реафирмирана европската перспектива на Македонија и позитивната динамика на реформскиот процес, потврдено и со последниот извештај на Европската комисија, а кои се значајни за стабилноста на регионот и пошироко, во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу, на која се заблагодарил за силната поддршка на нашата посветеност во остварувањето на европските стандарди во сите области и изразил очекување во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата Меѓувладина конференција, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content