СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Празникот 11 Октомври во Прилеп ќе се организира во посебни услови

Денот на народното востание 11 Октомври во Прилеп годинава ќе се организира во посебни услови, согласно протоколот за одбележување државни празници и без масовни собири со обезбедена дистанца и заштита. Ова беше посочено на денешната прес конференција во општината. Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека акцентот ќе биде ставен на положување венци и свежо цвеќе на споменици и спомен обележјата.

Програмата за одбележување на Денот на народното востание започнува утре, во 11 часот на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, со отворање на Фестивалот на медот, „Медот и пчелните производи, инвестиција во вашето здравје“.

 

В сабота во Центарот за култура „Марко Цепенков“, од 9 до 13 часот ќе се одржи крводарителска акција, во организација на Општинската организација на Црвениот Крст – Прилеп. Вечерта во 19 часот е импровизираниот напад на Участакот, а половина час подоцна во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Детскиот фестивал ќе се одржи според сите протоколи за организирање настани во затворен простор, а кажано со бројки, тоа значи дека согласно пропишаната дистанца, во салата може да има максимум 105 посетители.

Заради почитување на протоколот за одбележување државни празници, годинава ќе изостане традиционалниот огномет. Сите знаеме дека огнометот е една од главните причини заради кој граѓаните во голем број излегуваат на градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“. Тоа, во актуелните услови на пандемија од ковид-19, е ризик и потенцијална опасност за ширење на коронавирусот. Ниту Општина Прилеп, ниту јас како градоначалник, немаме намера да им го ограничуваме правото на слободно движење на нашите сограѓани. Меѓутоа како одговорна власт и како одговорни граѓани, ќе ги спроведеме мерките за заштита од коронавирусот. Истовремено, искажувајќи грижа за здравјето на граѓаните на нашата општина, упатувам апел до сите нив, доколку сепак одлучат да излезат во центарот на градот, да користат заштитни маски и да одржуваат дистанца – истакна градоначалникот Јованоски.

В недела чествувањата по повод Денот на народното востание започнуваат во 8.30 часот, со полагање на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на народните херои, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.

Во 12 часот, во месноста „Топташ“ ќе се одржи „Топташ даунхил купот“, натпревар кој ќе биде бодуван за ранг листата на Велосипедската федерација на Македонија. Одбележувањето на празникот ќе биде заокружено во 17 часот, кога во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи детскиот музички фестивал „Весели ѕвончиња“.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content