Инфективното во Прилеп преполно, нема ниту доволно персонал
Според Драган Богоески, директор на прилепската градска болница „Борка Талески” веќе се договара барем тројца-четворица пациенти да се згрижуваат во битолското Инфективно одделение.
Денеска имаме 28 пациенти на лекување на Инфективното одделение. Речиси еден месец бројката се движи од 22, 25 до 30 пациенти на одделението. Голем број се со потешка клиничка слика. Имаме од седум до 11 кои се на кислородна поддршка и таа состојба речиси еден месец се провлекува. Се уште има релативно голем број инфицирани. Оптималниот број пациенти кои треба да бидат на одделението е 25 до 26 пациенти. Поради потребите, имаме поставено дополнителни кревети во собите и максимумот е 30 паценти. Во случај да има потреба за сместување повеќе пациенти, договарано е при комуникација со министерот за здравство и со колегите од Битола, тројца до четворица пациенти да се лекуваат во тамошното инфективно одделение. Засега, немаме друг начин, вели Богоески.
Делот кој се подготвува за ургентно одделение е ставен на располагање за пациенти кои се сомнителни со симптоми или слични на Ковид-19 кои ги чекаат резултатите од тестирањето. Во сите одделенија од болницата има соби за изолација за пациентите кои се лекуваат од други болести и евентуално покажале симтоми за Ковид-19.
Инфективното одделение се соочува и со проблемот од недостиг од персонал. Моментално, еден инфектолог е позитивен на Ковид. Сега се само тројца специјалисти. Богоески нагласува дека и за ова ќе се бара помош од соседните места.
Правиме напори да го решиме тој проблем, евентуално со персонал од другите одделенија, но и таму има недостиг од персонал, па ќе побараме помош од другите места со инфектолози ако има добра волја да помогнат, вели тој.
Во Прилеп вчера имаше пет нови случаи на заболени од коронавирусот, а 10 се оздравени. Активни се 132 случаи, од кои 103 се на домашно, а 29 на болничко лекување, а 22 граѓани се во самоизолација. Од почетокот на пандемијата се регистрирани 742 заболени.