Коментирајќи го синоќешниот говор на премиерот Мицкоски од роденденот на ВМРО-ДПМНЕ за загрозување на македонскиот идентитет, Филипче рече дека државата имала чиста преговарачка рамка за почитување на малцинските права и затоа смета дека Бугарите треба да влезат во Уставот.
„Со пискав говор човекот ни кажува дека тој бил тој којшто одлучил дека ова ќе биде маратон. Тој нема право тоа да биде маратон, маратонот сега требаше да заврши, а е почнат уште во 1991 година. Со тоа што се подгрева антиевропскиот наратив и се кажува дека Европа го загрозува нашиот идентитет – што не е вистина, бидејќи во основните политички постулати на Европската Унија стои дека се почитува сечија различност, идентитет и јазик (што го потврдува и претседателката Гордана Силјановска) – практично премиерот вчера пушти многу контрадикторни пораки. Додека во Брисел зборува за реформи, тука на луѓето им кажува дека тоа е предавство и дека е ризик за нашиот национален идентитет. Единствен кривец за тоа што ние не напредуваме на европскиот пат е Христијан Мицкоски и оваа влада“, рече Филипче.
Посочи дека тие како опозиција нема да му бидат алиби на премиерот Мицкоски за предвремени избори. Смета дека избори ќе има кога ќе снема пари во државната каса, а како што рече пари има сè помалку.
„И оттаму, мислиме дека премиерот така ќе ја прави стратегијата за закажување на следните избори. Едноставно, нема да има пари да издржи оваа Влада до 2028 година. Ние не сме му алиби за тоа. Да не бега и да не бара некаков изговор. Кога ќе снема пари, тогаш ќе оди на избори. Тој кажува, потпишала владата бланко хартија, дека никој не водел сметка што се потпишувало и така натаму и така натаму. Ама тоа е бегање од суштината на дискусијата. А што е суштината на дискусијата? Нека каже што е потпишано, кои обврски ги презела владата, нека каже дека е тоа потврдено од Европа“, рече Филипче.
Тој посочи дека тоа не е документ на владата на СДСМ, туку е документ потпишан со сите земји членки на Европската Унија.
„И што е тоа што тој смета оти е некакво предавство? Тоа е суштинското прашање. А не лажно обвинување, не патриотски говор, не чукање во гради дека сега тој бил тој кој што стои на браникот на државата. Сè е дел од неговата демагогија, добро смислена. Добро смислена да игра на емоцијата на луѓето. Еве ги предавниците, нè донесоа до тука и сега ние ја чуваме државата. Како ја чуваме? Ја носиме во блокада. Анализирај ги документите, кажи каде е, ако има предавство. Што е загрозено? Впрочем претседателката му потврди дека ништо не е загрозено, напротив, дека се потврди идентитетот, јазикот и така натаму. Нека си ја праша Гордана Сиљановска“, изјави Филипче.
Според него, иднината и местото на Македонија е во Европа, а за да се бориме за малцинствата во други земји има и други механизми, како што е Судот за човекови права во Стразбур, Европскиот парламент.
„Прво, тој не се бори за Македонците што живеат тука, зашто луѓето тонат во сиромаштија и немаат европски идниаи, а понатаму за Македонците во Бугарија може да бидеме многу посилни кога ќе влеземе во Европска Унија. Е така ќе се избориме за нив и за нивните права. Кога ќе бидеме рамноправна земја членка во Европска Унија, можеме многу од посилна позиција политичка од оваа сега да ја прашаме Бугарија зошто не ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Така е бори за нацијата“, вели Филипче.
Посочи дека не случајно кажува дека нацијата е пред колапс, а идентитетот е загрозен, затоа што ако земјата остане изолирана и нема да влезе во планирањето на буџетските средства на ЕУ, како држава ќе ни останат само Horizon програмите и прекугранична соработка.
„Ние со тоа не може да преживееме. Отиде Црна Гора напред, отиде Албанија напред. Сè е тоа изговор на премиерот. Ако човекот не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, не му е местото да ја води државата“, рече Филипче.
