СДСМ обвинува за колапс во земјоделството, пратениците ќе решаваат дали Трипуновски треба да понесе политичка одговорност

Опозицијата тврди дека земјоделците се соочуваат со намалени и неисплатени субвенции, пад на откупот и укинати мерки за поддршка, додека во Собранието започнува расправата за интерпелацијата на министерот за земјоделство.

„Субвенциите се намалени за 40 милиони евра. Субвенциите за говеда се намалени од 12.000 на 8.000 денари по грло. Намалена е и поддршката за тутунот, од 100 на 80 денари за прва класа. Земјоделците не се соочуваат само со намалени, туку и со неисплатени субвенции. Илјадници сточари, житопроизводители, градинари и други производители сè уште ги чекаат средствата кои им следуваат. Во меѓувреме, откупот од малите земјоделци падна за 46,2 проценти“, обвинуваат од СДСМ.

Од опозициската партија обвинуваат дека за две години владеење на Владата предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, македонското земјоделство е доведено во сериозна криза, а земјоделците се соочуваат со намалена финансиска поддршка, неизвесен пласман и растечки производствени трошоци.

„Вистина е дека за две години Влада на Мицкоски и ВМРО, македонското земјоделство е доведено во катастрофална состојба. Субвенциите се намалени за 40 милиони евра. Наместо зголемени субвенции како што ветуваа додека беа опозиција, земјоделците добија намалување“, наведуваат од СДСМ.

Од СДСМ посочуваат дека проблем не се само намалените, туку и доцнењето на исплатата на субвенциите. Илјадници сточари, житопроизводители и градинари, според нив, сè уште ги очекуваат средствата што им следуваат.

Партијата наведува дека откупот од малите земјоделци е намален за 46,2 проценти, што го оценува како показател за влошената состојба во производството и пласманот на земјоделските производи.

„Сточарите протестираат поради доцнењето на субвенциите и поради намалените откупни цени на млекото. Млекарниците во повеќе наврати ги намалија откупните цени, а житопроизводителите влегуваат во жетва без позната откупна цена и без исплатени субвенции. Лозарите се оставени во неизвесност поради непочитување на законските обврски за утврдување на производна цена на грозјето. Оризопроизводителите останаа без значајни мерки за поддршка, а цената на оризовата арпа е драматично намалена“, наведуваат од СДСМ.

Опозициската партија ја критикува и одлуката за поништување на повиците за набавка на трактори, механизација и друга земјоделска опрема преку Програмата за рурален развој, оценувајќи дека со тоа се стопирани инвестициите во модернизација на производството.

Во интерпелацијата, СДСМ посочува и на, како што наведува, сериозни корупциски скандали во ресорот, вклучително и случајот поврзан со ИПАРД програмата и сомнежите за примање мито.

Според подносителите на интерпелацијата, постојат сериозни сомнежи за системска корупција, ризик од селективна и нетранспарентна распределба на јавните средства и директно загрозување на интересите на земјоделците.

Од СДСМ сметаат дека министерот Трипуновски треба да понесе политичка одговорност за состојбите во секторот и затоа бараат Собранието да ја разгледа и поддржи интерпелацијата.

 

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content