Работилницата ја отвори членот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, пратеникот Димитар Ковачевски, кој во своето воведно обраќање ја истакна важноста на темата, ги поздрави присутните и изрази очекување за конструктивна и плодна дискусија.
Претставниците на Светска банка посочија дека Светска банка и Владата на Швајцарија заеднички работат на прашања поврзани со јавниот долг во десет земји, меѓу кои е и оваа земја. Тие нагласија дека пратениците имаат значајна улога во креирањето политики и во справувањето со предизвиците поврзани со управувањето со јавниот долг. Иако движењата на јавниот долг не секогаш можат целосно да се предвидат, беше истакната потребата законодавниот дом да развива сопствени капацитети и пристапи за негово следење и надзор.
На работилницата се дискутираше и за поврзаноста на јавниот долг со монетарната и фискалната политика, како и со процесот на управување со долгот, при што беше нагласено дека секое задолжување бара внимателно разгледување на трошоците, ризиците и транспарентноста.
Посебно беше истакната и улогата на Собранието во управувањето со јавните финансии, имајќи предвид дека законодавниот дом го разгледува и усвојува државниот буџет, како и одлуките за ново задолжување на државата.
Транспарентноста беше посочена како клучен елемент во управувањето со јавниот долг, при што се нагласи дека навременото и јасно информирање на јавноста придонесува за зајакнување на довербата во институциите и зголемување на отчетноста при носењето одлуки.
По воведните излагања следеше широка и конструктивна дискусија, во која беа разгледани прашања поврзани со буџетот, неговото донесување, издавањето еврообврзници, нивото на јавниот долг и движењето на каматните стапки. Учесниците разменија мислења за актуелните фискални и економски предизвици, со посебен акцент на нивното влијание врз економската стабилност и развојот на државата. Работилницата продолжува утре согласно предвидената агенда.
Јавниот долг претставува збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, како и на трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата или општините, за кои државата има издадено гаранција.
