Скопје, 5 мај 2026 – Основниот суд донесе неправосилна пресуда со која тројца полицајци се прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба поврзана со работењето на дискотеката „Пулс“.
Судијката Лидија Петровска при објавата на пресудата истакна дека обвинетите Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков постапувале спротивно на законските обврски, внесувајќи неточни податоци во службени записници. Наместо да ги евидентираат прекршоците кај активната фирма „ММММ Кафе ДООЕЛ“ од Кочани и одговорното лице Митко Стојанов, тие ги заведувале кај неактивната „Класик ДМ ДООЕЛ“.
Судот им изрече условни казни затвор. Богатинов и Лазаров добија по една година затвор, која нема да се изврши доколку во следните три години не сторат ново кривично дело. Темелков доби условна казна од две години затвор со рок на проверка од четири години.
На објавувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите ниту нивните бранители, а во судницата беше присутна само обвинителката Спасенка Андонова, покрај новинарските екипи.
Судијката Петровска нагласи дека станува збор за сериозни пропусти, а не за формални грешки, потенцирајќи дека правилното утврдување на субјектот на прекршок е клучен елемент во постапувањето.
Ова е првиот предмет поврзан со дискотеката „Пулс“ кој доби судска разрешница, иако пресудата сè уште не е правосилна. Обвинетите имаат право на жалба до Апелацискиот суд, а дополнително им е изречена обврска да платат судски трошоци во износ од по 7.000 денари.
