Пратениците ќе ги разгледуваат амандманите поднесени на Предлог законот за Советот на јавни обвинители

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ги разгледува амандманите поднесени на Предлог на закон за Советот на јавните обвинители. За законот, според информациите објавени на веб страната на Собранието, се поднесени 26 амандмани.

Амандмани за законот имаат поднесено пратеници од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и коалицијата и ДУИ и Алијанса за Албанците.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има поднесено неколку амандмани. Во еден од нив се бара во член 9 алинеја 15 од предложениот закон да се менува и да гласи: „постапува по претставки и поплаки на граѓани и правни лица за работата на обвинители, при што доколку утврди дека се основани поднесува иницијатива до овластениот предлагач за утврдување одговорност на јавниот обвинител за сторена дисциплинска повреда,”.

Со овој амандман, како што образложуваат пратениците, се врши усогласување со Развојната секторска стратегија за правосудство 2024-2028 година во која се констатира потребата да се предвиди поактивна улога на СЈОРСМ во текот на надзорот како и со овозможување на Советот да иницира надзор.

Во друг амандман, пратениците на владејачкото мнозинство бараат во рок од 30 дена да се донесе одлука за разрешување на функцијата на јавен обвинител и членовите на Советот на јавни обвинители усно да ја образложат одлуката.

Пратениците на СДСМ имаат поднесено амандмани, со кои, меѓудругото се бара прецизирање на формулацијата за основите за поведување постапка за разрешување на член на Советот, се бара прецизирање на постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители, јавен обвинител да се избира и да се разрешува со осум гласови, а извештајот на Советот да содржи сеопфатна и образложена анализа на сите податоци и донесени одлуки.

Повеќе амандмани имаат поднесено и пратениците на ДУИ и АА, а голем дел се однесуваат на употребата на јазикот и правичната застапеност, за изземање на јавен обвинител во случаи каде побарал дисциплинска постапка и правен основ за повторен избори во случај на непостапување на Советот во рок од 30 дена.

По амандманската расправа, законот се враќа пред Собранието каде на пленарна седница треба да биде изгласан.

Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, кој се носи во редовна постапка, е дел од реформските закони и претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content