Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека Владата започнува со реализација на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за дигиталниот развој на државата – изградба на Национален дата центар, кој ќе претставува основа за модернизација на јавните услуги и заштита на државните податоци.
Во интервју за Македонската телевизија, Андоновски истакна дека станува збор за стратешка инвестиција која ќе ја постави основата за дигиталната иднина на Македонија во следните две до три децении.
„Наместо секоја институција да располага со сопствени серверски простории со различно ниво на безбедност, државата ќе има едно современо, високо заштитено и енергетски ефикасно решение од кое ќе се обезбедуваат дигиталните услуги“, изјави министерот.
Тој појасни дека веќе е изработена физибилити студија, која покажала дека проектот е технички и финансиски изводлив. Според плановите, Македонија треба да добие современ Tier III Национален дата центар, кој ќе овозможи воспоставување на владин облак, поголема сајбер безбедност, заштита на државните информации и развој на решенија базирани на вештачка интелигенција.
Во моментов, Министерството за дигитална трансформација работи на избор на соодветна локација, дефинирање на финансискиот модел и обезбедување на партнерства неопходни за реализација на проектот.
Андоновски оцени дека, како што патиштата, железницата и електроенергетската инфраструктура биле двигатели на економскиот развој во минатиот век, така дата центрите се стратешка инфраструктура на 21 век.
