Support Kocani обезбеди медицински средства за повредените од пожарот во Кочани во вредност од над 1 милион денари

Со преостанатите средства од донациите, граѓанската иницијатива „Support Kocani“ реализираше нова хуманитарна набавка во вредност од 1.023.871 денари, наменета за поддршка на лицата погодени од пожарот во Кочани, кои се соочуваат со последиците од изгореници.

Станува збор за специјализирани медицински препарати за нега и заштита на кожата, при што се обезбедени 300 креми „Bioderma SPF 50“, 300 креми „Cicatrix“ и 150 сетови од брендот „La Roche-Posay“. Овие производи се наменети да помогнат во заштитата на кожата, нејзина регенерација и олеснување на процесот на закрепнување кај повредените.

Од иницијативата посочуваат дека набавката не е направена произволно, туку во директна координација со засегнатите лица, со цел точно да се одговори на нивните реални и итни потреби. На тој начин, велат од таму, се обезбедува поддршка која е навремена, практична и прилагодена на состојбата на терен.

Финансиските средства за оваа акција се собрани преку донации од граѓани и компании, а дел од аптеките се вклучиле со дополнителна поддршка во вид на значајни попусти, што овозможило поефикасно искористување на расположливиот фонд.

Дистрибуцијата на препаратите ќе се врши преку младинскиот центар „Гнездо“ во Кочани, од каде што лицата на кои им се потребни ќе можат да ги подигнат.

Од „Support Kocani“ порачуваат дека солидарноста по трагедијата продолжува да живее низ конкретни дела и дека нивната посветеност за помош и грижа за засегнатите ќе трае сè додека има потреба.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content