ПРСКАЛКИТЕ ШТО ПРЕДИЗВИКАЛЕ ПОЖАР ВО „ПУЛС“ КУПЕНИ НА БИТ-ПАЗАР? НА НАСТАП НА ДНК ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ЗАПАЛИЛЕ ЗВУЧНИЦИ И ПЛАТНО

Горан Игновски, сопственик на продавницата од која групата ДНК порано купувала прскалки, денеска во судница тврдеше дека прскалките од кои настанал пожарот во „Пулс“ не биле купени од кај него. Горан тврди дека продавал прскалки со домет од метар или два, а тие што биле користени во дискотеката биле со домет од повеќе од 3 метри, какви што рече дека се продаваат на Бит-пазар.

Неговата фирма „Чкаља“ ДООЕЛ, под бренд „Де аудио“, има продавница во Кисела Вода. Нуди опрема за сценски ефекти, осветлување, машини за конфети, машини за балони, ладни фонтани, прскалки кои работат на прашок, машини за чад, на база на вода и сл.

– Досега сопственик на ресторан ретко купил таква работа, најчесто изведувачите си купуваат сами за своите настапи. Постојат топли и ладни фонтани. Топлите фонтани работат со барут, тоа се оние исти што се ставаат на тортите, го имаат истиот состав како прскалките што прскаат еден до два метра. Има фонтани за надворешна и за внатрешна употреба. Имаме набавувано куферчиња за активација на топлите фонтани, сме ги увезле легално. Примероци од тоа им дадовме на надлежните во истрагата за да ги вештачат. Начинот на активација е следен: се става патрон во кутија и во даден момент се активира со далечинско. Дискретни се, и може да се постават на пример, наутро, а да се вклучат навечер. Ладните фонтани се големи кутии, 30 на 20 и се доста видливи на сцена, тие се поисплатливи да се користат, ама уредот е скап да се купи, па повеќето ги користат топлите фонтани – рече сведокот.

Обвинителот праша која е функцијата на куферчињата и од каде ги набавуваат.

– Тие куферчиња ги увезовме легално од Кина, ги продававме во продавницата. Тие не се користат само за прскалки, се користат и за балони, за активација на прашок за откривање на пол на бебе, имаат повеќе намени. Се користат и за активација на топли фонтани. Куферчињата имаат 8 бази, одеднаш може да се активираат 8 прскалки. Постојат и со 12 и со 4 бази, ние увезувавме од тие со 8. Имаат две далечинско внатре, може да се палат две по две, може и сите наеднаш, според желбата на тој што ги активира. Процесот на активација е следен: се става патронот во уредот, има две живи и батерија од 9 волти. Останува во стенд бај сѐ додека не се стисне далечинското. Може да се активираат и од 50 до 100 метри далечина. Тој што ракува треба да знае за каде му требаат, постојат патрони што прскаат еден метар, два метра. Имаат барутно полнење, со магнезиум и со алуминиум, затоа светкаат кога горат – рече сведокот.

Цената на тие куферчиња е по 150 евра, 9.000 денари. Ги продавале 3-4 години, сѐ до пожарот. Ладните прскалки чинат 30.000 денари.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content