Тииит! Инк: Министерство за култура – деградира култура

59

Непрофитна организација за промоција на женската активност Тииит! Инк. излезе со жестока реакција за резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година.

Во реакцијата насловена „Министерство за култура – деградира култура“, тие велат дека го делат мислењето со колегите културни работници од националните установи и од независната културна сцена, „чувството на измаменост, потценетост и длабока навреденост од скандалозните резултати“.

Понатаму додаваат дека и покрај декларираните стратешки „заложби“ на Министерството за култура за унапредување на родовата еднаквост преку програмата за интердисциплинарни проекти која треба да опфаќа проекти во кои се директно вклучени и родовите политики и родовите принципи, ПРВО ПА ЖЕНСКО – единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам, годинава повторно добил „срамно намален износ на доделени средства“.

И оваа година Фестивалот беше практично казнет со тоа што Министерството додели 50% помалку од минатогодишната поддршка, и 85% помалку од побараната финансиска поддршка за реализација на дванаесеттото издание на Фестивалот.“

Од Тииит! Инк. потсетуваат дека ПРВО ПА ЖЕНСКО, е локално признаен и особено популарен, и меѓународно препознаен фестивал кој успеа да опстои, постојано развивајќи се и добивајќи на легитимитет, цели 12 години.

„И покрај оневозможувачкиот локален општествен и културен контекст, тој успева да остане отворен простор за презентација, размена на знаења и меѓународно вмрежување на уметници и културни работнички кои ја промислуваат и застапуваат родовата еднаквост и негува култура на солидарност, видливост на маргинализираните луѓе и теми, како и развивање на нови модели на јавни простори и културни содржини, кои одговараат на потребите на современата културно-уметничка сцена и во поширок контекст се општествено релевантни за заедницата, како што впрочем застапува и новата стратешка цел на Министрството. ПРВО ПА ЖЕНСКО секоја година е посетен од бројна публика која го препознава фестивалот како релевантен и важен настан на ова поднебје“, велат тие.

Се нагласува дека со ваквата одлука на комисијата во областа на интердисциплинарни дејности „се омаловажува релевантноста и – клучно – се доведува во прашање одржливоста на Фестивалот“ и на тој начин „директно  се оневозможува развојот на содржини кои информирано и артикулирано ги проблематизираат родовите прашања, како и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто.“

Како релевантни чинители на независната културна сцена, тие дополнително се револтирани зашто во повеќето дејности, а особено во категоријата на интердисциплинарни дејности – категорија која беше создадена во 2017 година за здруженијата на граѓани од независниот културен сектор! – меѓу поддржаните проекти доминираат оние на правни субјекти кои се регистрирани како профитно ориентирани фирми (ДООЕЛ) и тоа со доделени највисок износ на средства.

„Фрапирани сме од кратењето на средствата или целосното изоставање на поединци и програми кои со децении се столб на современата култура и имаат меѓународна препознаеност и валоризација, за сметка на фаворизирањето на сосема неафирмирани поединци и новоформирани организации кои добија изненадувачки голема финансиска поддршка, некои дури и за комерцијални проекти кои не ни припаѓаат во полето на културата. Скандализирани сме од флагрантното игнорирање на начелата од националната стратегија за култура и комплетниот недостатокот на елементарна логика во распределбата на средствата, што не наликува на ништо друго освен на длабока корумпираност и насилие од позиција на моќ, кое не само што предизвика вознемирувачки поделби помеѓу културните работници, туку подгрева и конфликти во општеството“, стои во реакцијата.

Со цел да се спречи комплетното деградирање на она што се смета за национален интерес во културата преку укинување на културните содржини кои промовираат современи пристапи во културното и уметничкото делување, овозможуваат дистрибуција на знаење и поттикнуваат критичко промислување, што е основа на секое демократско општество кое е инклузивно и праведно, одд Тииит! Инк. бараат: „јавно подробно елаборирање на одлуките од сите одлучувачки тела, комплетна и сеопфатна независна ревизија на резултатите од конкурсот, објавување на новите резултати во најскор можен рок и оставки и правна одговорност на сите одлучувачки тела.“

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content