Гостивар пред прогласување на епидемија: Над 350 нови прегледи за едно деноноќие, ЦЈЗ Тетово денеска носи одлука

Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилено следење на состојбата во Гостивар, каде што нагло се зголеми бројот на лица со симптоми на гастроентероколит. Поради големиот број заболени во краток временски период, состојбата официјално се третира како активен епидемиски настан, а Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово денеска треба да донесе одлука за прогласување епидемија на подрачјето, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.
Според најновите информации од Министерството за здравство, во периодот од 18 јули до 19 јули до 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар биле регистрирани повеќе од 350 прегледи на пациенти со симптоми на гастроентероколит.
На Инфективното одделение биле извршени 204 прегледи, при што три лица се задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение се реализирани 140 прегледи, од кои 105 се нови случаи, а 35 се контролни прегледи. Дополнително, девет пациенти медицинска помош побарале во Ургентниот центар.
Од Министерството за здравство информираат дека кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна, поради што бројот на хоспитализирани останува релативно низок.
На терен во тек се интензивни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности. Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар спроведува епидемиолошки анкети и теренски увиди, а досега се обработуваат околу 140 формални пријави за заразна болест.
Во истражувањето активно е вклучен и Институтот за јавно здравје, чии стручни тимови вршат микробиолошки анализи на примероците земени од пациентите, како и детални испитувања на примероци од водата, со цел да се утврди можниот извор на заразата.
Паралелно, засилен надзор се спроведува и врз системот за водоснабдување и санитарно-хигиенските услови, во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Министерството за здравство апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените власти, редовно да одржуваат лична хигиена, особено миење на рацете, како и веднаш да побараат лекарска помош доколку се појават симптоми како повраќање, дијареја, покачена телесна температура или знаци на дехидратација.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content