Од денеска па во иднина сите избрани и именувани функционери имаат обврска, освен на хартија, своите имотни листови да ги поднесуваат и по електронски пат. Ова доаѓа откако Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК) на последната седница во 2023 година го објави Годишниот план за следење на имотната состојба за 2024 година и потврди дека од денеска (2.1.2024) имотот на функционерите ќе се пријавува и по електронски пат. Годинава ДКСК како приоритет во испитувањето на потеклото на имотот ги стави судиите, обвинителите, директорите на болници, како и на градоначалниците и членовите на советите на општините.
За оваа цел, ДКСК денеска објави и информативно видео во кое се објаснети сите поединечни чекори за тоа како функционерите треба да го пријават својот и имотот на своето семејство.
Освен личните податоци кои ќе бидат впишани во профилот што треба да го креираат функционерите, тие ќе мора, освен актуелната, да ги наведат и сите порнешни функции што ги извршувале. Освен за нив лично, на Портлот за избрани и именувани лица за секој функционер поединечно ќе ги има и личните податоци за неговото семејство но и за било каков имот што го поседуваат или пак имаат било какви јавни овластувања и должности. Што се однесува до имотот тој е поделен во повеќе категории што ќе треба да се пополнат, како што се, движен и недвижен имот, дома и во странство, оружје, поседување фирми или акции во фирми и слично.
Сепак и покрај модернизацијата на начинот на пријавување на имотната состојба, останува законската одредба дека секој избран и именуван функционер ќе мора својот и имотот на своето семејство да го пријавува и во писмена форма која мора рачно или по пошта да биде предадена до ДКСК.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на последната седница во 2023 година, потврди дека од денеска и официјално ќе започне електронското пријавувње на анкетните листови на функционерите, а ќе се менува и образецот на кој што ќе бидат пријавувани имотите што тие ги поседуваат.
„Но и покрај ова функционерите ќе мора и писмено да ги доставуваат анкетините листови за имотната состојба затоа што законот така налага“, кажа Ивановска.
Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси (ДКСК) во 2024 година ќе го испитува потеклото на имот на судии, обвинители, директори на болници, како и на градоначалници и членови на совети на општините. Ова беше одлучено на последната седница на ДКСК откако членовите на комисијата едногласно ја усвоија Програмата за работа за 2024 година и Годишниот план за следење на имотната состојба за 2024 година.