Освен пица, сега може на парче да купите лекови, пелени и цигари

80

Пред една скопска пекарница се чека на ред за да се купат печива по половина цена. Во аптеките стана пракса клиентите да земаат една кесичка лек за настинка или една таблета аналгетици, а најновиот изум е продажбата на цигари на парче. Реалноста е таа, граѓаните се принудени да штедат на најосновните производи, велат трговците, кои се обидуваат да спасат колку – толку од прометот. Статистика пресмета дека трговијата со храна во август опаднала за 12,6 отсто. Податоците кои беа обелоденети по повод Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата, покажаа дека дури половина милион македонски граѓани се обидуваат дневно да преживеат со помалку од 200 денари. Оваа сума не покрива ниту еден подостоинствен појадок за двајца, а што останува за ручекот или вечерата…

-Кризата се влошува, обичните граѓани живеат на работ на егзистенција, има премалку пари или воопшто ги нема, а продажбата на парче е само мал издувен вентил и за нас и за нив. Македонскиот потрошувач може полесно да се справи со помали количини, па затоа ја „парчосуваме“ стоката – вели еден скопски дуќанџија.

Од поодамна во маалските продавници и киосци може да купите една цигара за 10 денари.

-Знам дека е забрането, ама прометот драстично ми опадна. Има се повеќе муштерии на кои им е тешко да купат кутија и од најевтините цигари, на овој начин можат да купат онолку цигари колку што имаат пари – вели сопственикот.

Сепак, попоразителен е податокот е што дел од македонските граѓани поради беспарицата се почесто купуваат – брашно, шеќер, зденка сирење, пелени, лекови, тоалетна хартија, хигиенски влошки, цигари на парче, бидејќи не може да си го дозволат целото пакување на некој одреден производ. Купувачите избегнуваат јавно да се изјаснат за сиромашни бидејќи се срамат, но признаваат дека немаат доволно пари за да го поминат месецот, а потрошувачката кошничка одамна ги надминала нивните приходи.

-Не паметам кога сум купил килограм домати, а веќе цела година земам по еден или два, за да каснам зеленчук. Пазарот стана прескап и сега гледам да најдам од производите кои се со „намален квалитет“, за да ми остане доволно за комуналии, струја, лекови – вели еден пензионер. Ниските примања не ги покриваат ниту основните потреби, па многумина престанаа да купуваат облека. Ако веќе мораат, тогаш ги посетуваат продавниците за половна облека, каде продажбата на таа користена стока се продава на килограм за 100 денари.

Студијата на Виенскиот економски институт покажа дека бројот на сиромашни во 2022 во државата драстично пораснал – за 24 проценти кога се во прашање лицата кои живеат во екстремна сиромаштија и за 15 проценти, кога се во прашање лицата кои живеат во умерена сиромаштија.

-Во 2023 година, бројките можат да пораснат за дополнителни 20-ина проценти – изјави за Дојче веле, Бранимир Јовановиќ од Институтот.

Се враќаат тефтерите на вересија

Должничките тефтери повторно се враќаат во мода особено во помалите дуќани. Занаетчите брифираат дека тие се незаменлив инвентар и во локалните бутици фризерниците, автомеханичарските рфаботилници, па дури во стоматолошките ординации…Овој вид доверба е возможен главно во малите дуќани каде купувачите и продавачите се познаваат меѓу себе, но и во помалите градови.

-Си ги знам муштериите, цела зграда пазари кај мене, а и добар дел од населбата. Немам друг избор освен да работам вака, бидејќи сè е подобро од ништо. А луѓето се запишуваат за леб, млеко, јајца, сапун, тоалетна хартија… Ако е на пример средината на месецот, не ги прашуваме редовните муштерии како ќе платат, туку веднаш ја вадиме тетратката, повлекуваме црта под претходната сметка и го пишуваме новиот датум и износот на сметката. Штом ќе земат плата или пензија, луѓето го плаќаат цехот, но има и такви кои вртат глава се додека не стане непријатно и за нас и за нив – велат трговците.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content