Авионот на германскиот канцелар Олаф Шолц вчера морал да биде евакуиран на аеродромот Бен Гурион во Израел поради ракетни напади.
„Лично видов експлозии на небото кога израелската железна купола (систем за противвоздушна одбрана) пресретна две ракети“, напиша на Твитер Робин Александар, заменик-главен уредник на германскиот весник „Велт“.
Шолц и оние што летале со него се качиле во авионот неколку минути подоцна, по дополнителна безбедносна проверка, пишува Билд.
#Raketenalarm in Tel Aviv. Die Regierungsmaschine wird umgehend evakuiert. @Bundeskanzler wird in einen Schutzraum gebracht. Wir legen uns vor dem Flugzeug auf den Boden. @robinalexander_ @frautoroxel pic.twitter.com/OTWV55KUoA
— Sara Sievert (@sara__si) October 17, 2023
Германскиот канцелар го посети Израел во вторникот за да ја изрази својата солидарност со земјата по бруталниот терористички напад на Хамас и да ги деескалира тензиите во регионот, како и да ја подобри хуманитарната помош за палестинските цивили во Газа.
Евакуацијата на неговиот авион се случи токму во моментот кога Шолц планирал да полета за Каиро, каде што денеска треба да се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел Сиси.
Во вторникот вечерта, голема експлозија погоди болница во градот Газа, при што загинаа повеќе од 500 Палестинци, според палестинското Министерство за здравство, управувано од Хамас. Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за нападот.
Претходно во вторникот вечерта, Шолц упати предупредување до Иран и Хезболах да не се мешаат во конфликтот меѓу Израел и Хамас. „Тоа би била тешка, непростлива грешка“, рече Шолц за време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Тел Авив. Шолц нагласи и дека безбедноста на Израел е составен дел на германската државна политика и дека земјата има право да се брани од Хамас.
Но, Шолц, исто така, го предупреди Нетанјаху дека неговата војска мора да го почитува меѓународното хуманитарно право во одговорот на нападот на Хамас.
„Германија и Израел ги обединува фактот дека се демократски уставни држави. Нашите постапки се засноваат на законот и редот, дури и во екстремни ситуации“, изјави германскиот канцелар за новинарите. Тој рече дека разговарал со Нетанјаху „за начините да се добие хуманитарна помош за луѓето во Газа што е можно побрзо“.
Израелскиот премиер го потсети германскиот лидер на нацистичките масакри како оние во Баби Јар во Украина во 1941 година. Неодамнешниот крвав напад на Хамас, рече Нетанјаху, беше „најлошото злосторство против Евреите од Холокаустот“.