По повод празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот позната како Голема Богородица, во Бигорскиот манастир ќе се одржи сеноќно бдение, со света архијерејска литургија.
-Возљубени поклоници на Царицата Небесна, ве известуваме дека на денот кога ја славиме „летната Пасха“, односно сечесното Успение и Преселување на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во Свештената Бигорска Обител ќе се одржи сеноќно бдение, коешто ќе започне во недела, на 27 август, во 21 часот, стои во соопштението на Бигорскиот манастир.
Се додава дека во текот на богослужението, пред Богородичната плаштаница во цветниот епитаф, ќе се испеат Богородичните статии.
Бдението ќе заврши со Божествена архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува игуменот на обителта, неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.
Благослов да присуствуваат на бдението имаат сите кои молитвено сакаат да го прослават великиот празник на Мајката Божја.
По традиција се очекува големо присуство на верници од многу градови во земјава.