Може ли една кампања од неколку дена да ги разубеди граѓаните на Република Македонија, пред се етничките Македонци, во тоа што до сега не го прифаќаа околу уставните промени?
А, во зависност од спроведувачите на мерењата на јавното мислење, нивната бројка се движеше од 80 до 85%. Што значи дека за толкав број од Македонците не е прифатлива уцената и под овие услови внесувањето на Бугарите во Уставот, пишува Предраг Димитровски.
И одговорот е однапред познат-не може!
Зашто, ваквото расположение на волкав број граѓани, етнички Македонци, не датира од вчера. Напротив, тоа е резултат на долгогодишното поигрување на земјите-членки на ЕУ со Република Македонија и со Македонците, нивните лажни ветувања и постојаното наметнувања нови и нови услови и критериуми, прифаќањето на сите бугарски барања кон Македонија и нивно обландирање во француски целофан, што директно удираат врз македонскиот идентитет, историја, култура, традиција, колективна меморија… И нормално, на сервилноста, забеганоста и корумпираноста на владејачката политичка елита од редовите на СДС бугарски и неоврховистички и на ДУИ, на нивното неработење и не спроведување на ветените реформи и целосното руинирање на институциите и на системот во целина.
Кампањата „Ние сме Европа“ ќе чини 80.000 евра народни пари и залудно ќе бидат фрлени во ветер, односно ставени во нечиј пропагандистички пи-ар џеб. Зашто, се е веќе видено, чуено и прочитано и власта ниту знае, а ниту може да наметне некоја нова перцепција. Ако можеше, тоа ќе го стореше уште многу одамна.
Па од прифаќањето на францускиот, односно бугарскиот предлог помина повеќе од една година, период во кој само се зголемуваше незадоволството на македонските граѓани, што е чиста потврда на фактот дека власта нешто дебело утнала и со прифаќањето на предлогот и со своето (не)работење.
Патем, каде се изгуби делот од референдумското прашање за членство во ЕУ од изјаснувањето на граѓаните на референдумот за промена на името на државата? Во лагите на власта. Власта едно мисли, друго прави, а нешто сосема трето кажува.
Неодамна холандскиот амбасадор Јан Коп максимално понижувачки се обиде да не соочи со реалноста и францускиот предлог, изјавувајќи дека сега го имаме овој европски компромис какви што постојано се прават, но оти ќе не внел во ЕУ.
– Затоа мислам дека треба да го затенете носoт и да голтнете, ни порача амбасадорот Коп.
За време на војна се користи едно оружје фрлач на пламен, а спротивно на тоа во циркузите има артисти голтачи на пламен.
И нашата власт на СДС бугарски и неоврхвистички се однесува исто. Како циркуски артист голтач на пламен, ох пардон, голтач на нешто друго, што не е за споменување. За да ги зачува сопствените удобни фотелји таа го затна носот и може се што ќе и дадат да голтне. Ама, ако таа сака да голта, нека ги праша граѓаните дали и тие секаат. За тоа сега има само еден начин-избори. Зашто, членството во ЕУ не е дилема. Дилема е како и на кој начин тоа да се стори-пишува Димитровски за „Пресинг ТВ“.