Расте говорот на омраза кон Македонија – Османи бара реакција од властите во Софија

41

Говорот на омраза насочен кон Македонија и македонците се прелеа и во бугарската естрада. Тамошните медиуми споделуваат видео снимка во која бугарски естраден уметник вели дека Македонија не е држава туку бугарска територија и провинција, а во македонците течела бугарска крв. На крајот од песната дури и најавува дека ќе имало уште вакви текстови.

Македонското МНР преку каналите воспоставени со потпишаниот Протокол веднаш реагирало до колегите во Софија. Министерот Османи вели ова е тежок говор на омраза кој е недозволив.

Но не се само т.н естрадни уметници тие кои не штедеа на навреди и провокации кон Македонија. Официјални претстваници на Бугарија и европратеници, повторно ја промовираат тезата дека Македонија била бугарска држава, па јавно велат дека инцидентот бил дел од антибугарските манифестации во земјава.

Османи е дециден дека сите кои односите на навивачките групи ги поистоветуваат со односите меѓу двете држави, не мислат за доброто на процесот на добрососедство.

И бугарското МНР ги осуди инцидентите, побара ефикасна истрага и спроведување на правдата.

Во меѓувреме навивачите на бугарски Левски на социјалните мрежи објавуваат видеа како ја нападнале македонската полиција, непосредно пред фудбалскиот меч со Шкупи.

Бугарскиот навивач кој беше повреден со нож останува во болница. Состојбата по направената операција му е стабилна, но сепак лекарите препорачале да не се транспортира барем во првите денови од неговото лекување.

За разлика од случувањата на спортските терени, двете министерства веќе оствариле први контакти по формирањето на новата бугарска влада.

Македонската страна тврди дека постои добра политичка волја за односите да одат во позитивна насока. За септември веќе е најавена посета на бугарскиот министер за надворешни работи на Скопје.

 

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content