На армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе се реализира Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“ (Immediate response 23), каде припадниците на армиите кои учествуваат во вежбата ќе презентираат комбинирани копнени активности „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.
Во вежбовните активности предвидена е употребата на роботизираното софистицирано возило т. н.
„Project Origin“, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое првпат ќе се тестира во вежбовни услови за испалување на противоклопна ракета од типот „Jave-lin“ која е дел од неговото вооружување.
На денот за високи гости ќе присуствуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници, министри, амбасадори од земјите членки и партнери на НАТО, генерали од армијата на САД за Европа и Африка и од НАТО командите, генералите во Армијата, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеи акредитирани во земјава и други гости.
Вежбата „Immediate Response 23“ е најголема мултинационална вежба оваа година во земјава на која учествуваат четири НАТО земји и една партнерска земја со вкупно околу 1. 850 учесници.