Трајко Вељаноски: Кoј и зошто го враќа Собранието 20 год. назад!?

43

До:

– Претседателот на Собранието, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, Алтернатива, Беса, Левица и другите учесници на координативните средби

– Средствата за јавно информирање

– Невладините организации

– Граѓаните корисници на сајтот на Собранието

КОЈ И ЗОШТО ГО ВРАЌА СОБРАНИЕТО 20 години НАЗАД !?

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА?

КАДЕ Е ЦЕЛАТА БАЗА НА ПОДАТОЦИ, дневни редови на седници од 1991 година, стенограми на сите тие седници од 1991, видео записи од седниците од 2002 година наваму, гласања по точки, податоци за сите пратеници и нивни биографии почнувајќи од првиот собраниски состав од 1991 година,..?

КАДЕ СЕ ЦЕЛИОТ ТРУД, ВРЕМЕ И ЕНЕРГИЈА ВЛОЖЕНИ ОД СОБРАНИСКАТА СЛУЖБА СО ЦЕЛ СОБРАНИСКИОТ САЈТ И е-ПАРЛАМЕНТ СИСТЕМ ДА БИДАТ ЕДНИ ОД НАЈДОБРИТЕ ВО СВЕТОТ, ДА БИДАТ ПРИМЕР и ДА ИМ КОРИСТАТ НА ГРАЃАНИТИ, ПРАТЕНИЦИТЕ и СЛУЖБАТА??

КОЈ ТОА СЕ ПОИГРУВА СО ДВА ИЗГРАДЕНИ, ИМПЛЕМЕНТИРАНИ и ФУНКЦИОНАЛНИ СИСТЕМИ? И ЗОШТО?

ТРЕБАШЕ САМО СОВЕСНО И ОДГОВОРНО ДА СЕ ОДРЖУВААТ И КОРИСТАТ!

Ретроспектива на воведувањето на е-Парламент системот:

Согласно преземените обврски, а врз основа на член 68, став 2 од Уставот на Република Македонија, од:

1. Декларацијата прифатени од земјите членки на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, потпишана на 4 јуни 2002 година;

2. Агендата за развој на информатичкото општество за земјите од Југоисточна Европа донесена на 20 октомври 2002 година;

3. Акциониот план на Европската комисија E-Europe 2005;

4. Заклучоците од Министерската конференција за електронска управа, во 2003 година;

5. Завршната декларацијана светскиот самит за информатичко општество (WSIS) усвоена во 2003 година во Женева;

6. Други договори и конвенции ратификувани од страна на Република Македонија;

7. Усвоена Декларација за забрзан развој на информатичкото општество и дигитална економија во Реппублика Македонија како национален приоритет од 2002 година;

8. Усвоена Национална стратегија за развој на информатичкото општетсво од 21 септември 2005 година.

Собранието на Република Македонија на седница одржана на 15 декември 2005 година донесе ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ВОВЕДУВЊЕ НА е-ПАРЛАМЕНТ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Откако станав Претседател на Собранието на Република Македонија (21.06.2008 година) оваа обврска ми беше високо на агендата на приоритети и заедно со тогашните колеги пратеници, координатори на пратеничките групи, потпретседателите на Собранието, но пред се благодарение на стручната, професионална и силно посветена собраниска служба успеавме да го реализираме/воведеме системот е-Парламент кој овозможи огромни придобиви од многу аспекти.

Повеќе месечни консултации, часови и часови работа на службата на Собранието, работа со имплементаторот на системот компанијата Некст Сенс допринесоа Собранието во 2009 година го има е-Парламент системот како еден од најдобрите во светот.

Проектот го реализиравме заедно со компанијата „Некстсенс“, која беше автор на софтверот. Ова особено го истакнувам бидејќи станува збор за домашна фирма, односно за домашен производ и вградено знаење за кое сметав дека може, но и кое се покажа како конкурентно на сите пазари, а нашиот е-Парламент систем пример и репер кој го земаа и вградија повеќе држави во регионот.

Со воведувањето на Е-парламентот, во суштина, целиот законодавен процес во Собранието се направи да се одвива по електронски пат. Во пракса тоа значи дека од влегувањето на законот во парламентот, сите фази во законодавната постапка предвидени со Деловникот, се одвиваат по електронски пат.

Идејата беше секој пратеник, како и вработените во Собранието, да можат многу ефикасно да го следат движењето на секој закон, или друг документ, или акт кој е во собраниска процедура. Сето ова, од една страна ја зајакнува ефикасноста и квалитетот на самиот законодавен процес, а во исто време има и економски ефекти.

Втора, исто толку значајна димензија, која произлегува од воведувањето на Е-парламентот, е јакнењето на транспарентноста на законодавниот дом. Oсновна алатка за постигнување на оваа цел е собраниската веб-страница која беше поврзана со Е-парламент-системот од каде ги црпи податоците во врска со материјалите од законодавната постапка и која секојдневно, покрај на македонски, се ажурираше на албански, англиски и француски јазик. Со тоа е овозможено на истата, освен дневната агенда, како за пленарни седници, така и за сите собраниски комисии и други работни тела, да може да го најдете и секој закон кој влегува во собраниската процедура, како и сите други документи, акти и извештаи кои се тема на расправа во Собранието. Исто така, идеја беше да можат да се следат сите предложени амандмани од страна на пратениците, расправите преку стенограмите во собраниските комисии, како и заклучоците, па сè до усвојувањето на законот на пленарна седница. Односно, секој заинтересиран да може преку нашата веб-страница да го следи целокупниот законодавен процес.

Понатаму, на веб-страницата можеше да ги најдете пратеничките состави на сите досегашни мандатни периоди, со основни биографски податоци за секој актуелен, но и поранешен пратеник.

Огромна работа, време и енергија службата на Собранието вложи во дигитализацијата на стенограмите од сите пленарни седници од првиот парламентарен состав (од 1991 година), па се до актуелниот, што претставува огромна и значајна база на податоци за која верував и верувам дека ќе има примена и во научно-истражувачката дејност за оние кои сакаат да го истражуваат парламентаризмот во Република Македонија, но беше од огромна полза и за самото работење на пратениците и службата.

Имавме намера преку собраниската веб-страница секој граѓанин може да се обрати до својот пратеник со свои размислувања и предлози.

Воведовме и стриминг преку кој можат во живо да ја следите работата на пленарните седници.

Фактот дека според истражувањата на јавното мислење, токму интернетот, односно нашата веб-страница во тој период се проби во врвот на медиумите преку кои граѓаните добиваат информации за работењето на парламентот, беше показател дека замислата успешно ја реализиравме во рамките на Е-парламент системот, со постојано настојување за унапредување и надоградување.

Овие наши резултати во релативно краток временски период добија високи оцени и од страна на меѓународната заедница.

По воведувањето на системот и отпочнување на негово функционирање во ноември 2009 година следеше Светската е-Парламент конференција во Вашингтон, на која учествуваат највисоките претставници на парламенти од целиот свет. Конференцијата ја отвори тогашниот спикер на Претставничкиот дом на САД, г-ѓа Ненси Пелоси.

Како позитивно искуство на Конференцијата беше претставен проектот Е-парламент на Собранието на Република Македонија од страна на тогашниот потпретседател на Собранието, г. Јани Мaкрадули, кој исто така беше активно вклучен во целиот просец на воведување на е-Парламент системот.

Во септември 2010 година следеше дводневна Конференција за е-Демократија во Охрид на која учествуваа повеќе од 35 делегации од 15 земји.

„Македонскиот парламент е еден од најдобрите во регионот кога станува збор за користење на информатичките технологии. Македонија е пример за останатите земји“, оцени на Конференцијата Блаж Голаб, директор на ЦЕЕ центар за развој на е-Влада на отварањето на конференција за е-Демократија: „Информатичко-комуникационата технологија – двигател на демократијата и транспарентноста“.

Во мај 2012 година на покана од г-ѓа Ева Копаз претседател на Сејмот на Република Полска и г. Богдан Боришевич, претседател на Сенатот на Република Полска, учествував на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија во Варшава, Република Полска на која учествуваа 28 претседатели и потпретседатели на парламенти, како и претседателот и потпретседателот на Европскиот парламент г. Мартин Шулц и г. Мигуел Ангел Мартинез, една точка од расправата беше посветена токму на оваа тема „Парламентот, мислење на јавноста и медиуми“:

„Воведувањето и функционирањето на Е-парламентот е неминовност која е во функција на зголемување на ефикасноста на парламентарната демократија, на поголемата транспарентност во работењето на парламентите, а со тоа и на вистинска и ефикасна интеракција меѓу парламентот како законодавен дом и граѓаните и невладиниот сектор. Во суштина, тоа е и основата на демократијата“, истакнав во обраќањето.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и член на Делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), г Јани Макрадули, учествуваше на Светската конференција за е-парламент, што се одржа во септември 2012 година во Рим, Италија на која учествуваа високи претставници од парламентите, меѓународните организации и експерти од областа на информатичките и комуникациските технологии во парламентите и повторно македонскиот систем е-Парламент беше презентирани и ценет како одлично решение.

За жал, од една ваква ситуација наместо веб страницата на Собранието на РМ да се развива натаму имаме нејзино целосно уништување и замена со нова која има податоци од 2020 година. За жал собраниската страница на мрежата е денес илустрација за неодговорното владење на актуелниве власти. Сепак светот не почна од 2020 година и Македонија не е самостојна држава од 2020 година, напротив од тогаш започна нaјнеодговорниот период на владење во нашата историја.

Со вакво неодговорно однесување :

– Се губи транспарентноста на Собранието;

– Се губи отчетноста на пратениците пред своите гласачи;

– Се губи најсилната алатка на медиумите за прибирање на многу податоци за работата на Собранието, сега и во минатото;

– Пратениците губат можност за црпење на искуства од меморијата на работа и пракса на Собранието;

– Фрлени во сенка се можностите за проверка на ставовите на партиите и пратениците за значајни теми во сегашноста и минатото;

– Пратениците не можат да црпат искуство од воспоставените практики за работа на Собранието;

– Академската и стручна јавност губи сериозен извор на информации и податоци за своите научни потреби.

Со почит,

Скопје, 15.04.2023 година

Трајко Вељаноски,

Поранешен претседател на Собранието на Република Македонија

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content