Почна со работа македонската берза за струја – ќе има ли пониска цена?

32

Почна со работа македонската берза за струја. Со неа раководи МЕМО – фирма ќерка на МЕПСО. Досега договори склучиле 22 домашни и странски компании. Денеска биле истргувани 500 мегават часа по просечна цена од 115 евра. Иако беше најавено дека домашната берза ќе понуди поевтина струја и ќе донесе пониски сметки за компаниите, денешната разлика со Хупекс е само 3 евра, односно таму струјата се продава за 118 евра по мегават час.

„На Хупекс берзата се тргува на истиот систем, на истата платформа на која денеска се тргуваше и во Македонија. Цената не се основа на цени од регионот или друга берза, туку берзата формира цена, од побарувачката и понудата.“, изјави Симон Шутиноски, управител на МЕМО

Учесниците во берзата ќе плаќаат годишни членарини, зависно од типот на пакетот кој ќе го одберат. Првиот човек на МЕМО уверува дека давачките кај нас се најниски во регионот.

„Сега учесниците имаа 50% попуст за зачленување на берзата. Влезот во самата берза чини 5 илјади евра, а тие платија по 2 и пол илјади евра за зачленување. Потоа имаат годишен надоместок во однос на тоа каков пакет на тргување имаат избрано.“, посочи Симон Шутиноски.

На свеченоста имаше гости од целиот енергетски сектор. За вицепремиерот Битиќи денеска е историски ден за македонската економија.

„Со ова се приклучуваме на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија. Тој ќе ни овозможи поврзување со пазарите во соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин.“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер.

Стартот го поздрави и премиерот Ковачевски кој преку писмо од Америка посака успешна работа.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content