Македонското археолошко друштво пред Собранието искажа револт од предлогот за законски измени за заштита на културното наследство. „Археолошките локалитети не се пречки на патот“, „Имате ли совест?“ „Вандали од 21-от век“ и „Културното наследство е глобална вредност“, гласеа дел од пораките истакнати на протестот.
– Денешниот јавен собир е апел до пратениците во Собранието, до Владата и до целокупната јавност, да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на „поголем јавен интерес‟, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери – изјавија од Македонското археолошко друштво.
Тие тврдат дека со пратеничкиот предлог, всушност се озаконува неповратно уништување на културното наследство.
– Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Господа пратеници, не смеете да дозволите заобиколување на постоечките правни норми, и институционалниот систем кој државата ги изградила да го штити културното наследство, кое е од исто толку голем јавен интерес како и инфраструктурните проекти, и уставно загарантирана темелна вредност, која се заштитува во секакви околности и на целата територија – се вели во соопштението од Македонското археолошко друштво.
Археолозите ги повикаа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во Македонија, како и граѓанските здруженија и дипломатските претставништва, да се приклучат кон апелот за повлекување на спорните законски измени пред да биде доцна.