Почесен плотун од аскерот за војводата Патчев и комитите кои на Благовец херојски се бореа и загинаа за Македонија

92

Тоа се херои, гледајте како се бореа за својата идеја и сами се убија, им рекол турскиот потпоручник Нијази-бег и наредил почесен плотун над мртвите тела на македонските комити и нивниот војвода Методија Патчев, на Благовец, во прилепско Кадино Село, на 7 април 1902 година.

Така завршил животот на војводата Патчев, кој е роден на 20 мај 1875 година во Охрид.

Патчев е еден од најпознатите македонски револуционери од периодот пред Илинденското востание. Делото на ТМРО му било над се, а со своите постапки секогаш бил правичен и бескомпромисен.

Средба со Делчев

Неговите родители, Јаќим и Марија биле сиромашна рибарска фамилија. Јаќим не сакал неговите деца да го наследат занаетот, па затоа Коста и Сандре ги дал да го учат ќуркчискиот (кожарски) занает, а синот Никола не сакал да чиракува, велел дека душата ќе му смрди на штавени кожи. Методија како најмал го дал да учи, а ќерка му Вета ја оставил дома за да и помага на мајка си, бидејќи во куќата биле пет мажи.

Методија завршил основно училиште и четири класа класно училиште во Охрид. Бидејќи родителите биле сиромашни, не можеле да го испратат на школување надвор од Охрид, иако за тоа и тој и тие мечтаеле. Затоа извесно време работел во ќуркчиските дуќани, а и како рибар му помагал на татка си.

Кога заштедил малку пари, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град, заминал во Солун, па во Софија, а потоа во Самоков отпочнал курс во специјалното училиште, каде се изучувале повеќе занаети. Таму бил активен и ученичкиот кружок, кој бил посетуван од раководителите на ВМРО, меѓу кои и Гоце Делчев.

Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“. Во истото училиште за учител бил назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во ТМОРО. Во 1894 година, само една година по формирањето на ВМРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охридско. Често пати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со „светена вода“.

Поради ликвидација на кодош во Охрид, иако немало сведоци, Патчев бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години робија во битолскиот затвор, а во 1901 година бил амнестиран.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, турската власт му забранила да работи како учител, па преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, станал член и војвода на МРО. Со неговата офицерска подготовка, и организациски способности, придонел за обука на македонските револуционери и војводи, меѓу кои бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патувал низ прилепскиот регион и за кусо време дошле до израз неговите организаторски способности.

Последната битка во Кадино Село

Откако на 6 април 1902 година, на селската слава Благоец, војводата Патчев дошол со шестмина комити во прилепско Кадино Село, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Од сите страни опколени, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерама јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека „македонски борци не се предаваат“. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле колективно самоубиство.

Откако стивнала пукотницата, Турците влегле во кулата, а глетката била потресна. Со прострелни рани комитите како да и оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Тогаш командантот, потпоручникот Нијази-бег, кој подоцна бил еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: „Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија“. И, по негова заповед, со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на македонските јунаци.

За војводата Методија Патче се испеани повеќе песни, а една од нив е и „Јас Методи Патче од Охрида“.

( Подготвил: Д.Г.)

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content