Почна со работа Нега центарот во Кисела Вода

53

Почна со работа Нега Центарот во Општина Кисела Вода. Услугата ќе биде достапна за околу 40 корисници кои се стари лица и лица со намален функционален капацитет и попреченост, а ќе добиваат нега и грижа во нивниот дом од 20 лиценцирани негуватели.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска, на отворањето на Центарот, изјави дека преку проектот за подобрување на социјалните услуги се овозможени различен тип услуги, како помош и нега во домот, центар за активно стареење, дневни центри за лица со попреченост преку кои на повеќе од илјада корисници им е значително подобрен квалитетот на живот.

– Со задоволство можам да кажам дека преку конкретните резултати од социјалната реформа се покажува на дело трудот и посветеноста на тимот и заложбата на МТСП и на Владата, но се покажува и значењето од соработка меѓу централната и локалната власт. Двојната придобивка од социјалната реформа како и од проектот за подобрување на социјалните услуги како инструмент за поддршка на реформата е тоа што можност за вработување како негуватели имаат лицата кои се од ранлива категорија, невработени лица, самохрани родители и лица во социјален ризик, нагласи Тренчевска.

Тоа, како што посочи министерката, значи дека реформата овозможува подигање на квалитетот на живот и на корсниците и на негувателите.

– Голем дел од нив се жени што ја покажува посветеноста на МТСП кон економското зајакнување на жените со акцент на ранливите категории, рече министерката.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски посочи дека овој проект има за цел значително да го унапреди квалитетот на животот на повозрасните и на лицата со попреченост кои не се во можност во целост самостојно да се грижат за себе си.

– Големо е моето задоволство што во општина Кисела Вода започнуваме со уште еден проект за подобрување на социјалните услуги, чија цел е значително да го унапреди квалитетот на животот на повозрасните и на лицата со попреченост кои не се во можност во целост самостојно да се грижат за себе. Од денес,преку трипартитниот договор потпишан помеѓу Кисела Вода, Минитерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на град Скопје, за што, на овие институции сакам искрено да им се заблагодарам, функционира Нега центарот, како сервис за домашна нега и грижа на стари и немоќни лица, кои од страна на сертифицирани и професионални негуватели ќе добиваат услуги прилагодени на нивните индивидуалните барања и потреби, изјави Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода, додаде тој, реализира бројни проекти за социјална грижа и инклузија.

– Ќе потсетам дека Општина Кисела Вода е првата и единствената општина каде од пред два дена старите и немоќни лица добиваат бесплатен посебен транспорт за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Ова го реализираме заедно со Црвениот Крст. Дополнително, ние сме првата општина која вработи лице со Даунов синдром и јас и како градоначалник, но и како претседател на ЗЕЛС, упатив апел овој чекор да го следат и сите останати општини, но и институции од централната власт. Ќе потсетам и дека отворивме клуб за децата со церебрална парализа, а овозможивме и функционирање на Дневен центар за окупациона терапија за лица со попреченост. Се надевам дека ваквите позитивни примери ќе поттикнат големи промени и ќе донесат позитивни резултати во целата држава.

Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје рече дека Центарот ќе претставува место каде тимот на скопскиот Црвен крст ќе биде директно вклучен во реалзирање на потребите на граѓаните на територијата на Општината и место каде директно ќе дискутираат за потребите, проблемите и се тоа што им е потребно на лицата од трето доба и лицата со попреченост.

– Ќе ги слушаме сигналите од терен и согласно тоа ќе развиваме понатаму дополнителни услуги и секако овој сервис ќе биде унапреден. Ние во моментот имаме приближно 60 лиценцирани негуватели, овој број секако ќе расте, а целта е на територија на Град Скопје во секој општина да имаме ваква канцеларија, ваквов центар нега каде на лицата во трето доба посебно ќе им се пружат услугите во домашни услуги. Слоганот на нашиот проект е „Само дома си е дома“ зашто поголемиот дел од корисниците сакаат своите денови на пензионирање да си ги поминат во својот дом, рече Тунева Пауновска.

Негувателката Анжелика Илова сподели дека обуката за негувател и донела многу знаење и способности за работа на терен.

– За мене е голема чест што ќе работам со старите лица во домашни услови каде ќе можеме да го подобриме нивниот квалитет на живот. Свесна сум дека оваа работа е доста тешка, напорна, но од друга страна многу хумана и почитувана и горда сум што сум дел од нејзе. Посакувам да се отворат вакви центри и во другите општини, изјави Илова.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content